Фудбал
7. August 2020 - 19:06

Утре стартува новата сезона во Првата МФЛ

Утре со натпреварот  Вардар Борец на Арената Тоше Проески стартува новото фудбалско првенство на Македонија со 12 екипи и во услови на пандемија со коронавирус што предвидува посебен протокол за организација на натпреварите и без навивачи на трибините. 
Македонската фудбалска елите по 29-ти пат од осамостојувањето ќе се бори за шампионскиот пехар на ФФМ за првпат во услови кои се многу поразлични од претходните сезони. 
Последниот  шампионат поради пандемијата со Ковид -19 не го доживеа крајот ставајќи ги во прв план здравјето и безбедноста на актерите и  тренерските штабови па затоа со нетрпение се очекува стартот на новото првенство. 
Вардар и Борец ќе го одиграат воведниот меч од првото коло, и тоа утре на Арената Тоше Проески. Црвено – црните немаа многу време да се израдуваат на новата шампионска титула притиснати од финансиските проблеми и незадоволството на фудбалерите од кои дел си заминаа од клубот.  Вардар го започнува првенството со изменет состав и кратки подготовки што им дава шанса на гостите од Велес да го изненадат шампионот. 
Останатите средби се играат во недела. Вицешампионот Силекс гостува кај новолигашот Беласица во Струмица додека на Чаир во дербито играат Шкупи и Шкендија. 
Во скопското дерби  екипата на Македонија ЃП е домаќин на Работнички додека Пелистер во Битола ја пречекува екипата на Академија Пандев.  Интересно ќе биде и во Тетово каде Ренова е домаќин на Струга Трим Лум. 
Сите средби започнуваат во 17.30ч.