Македонија
24. јуни 2021 - 16:33

Утре 100.000 Фајзер, викендов 500.000 Синовак вакцини доаѓаат во земјава

Во недела со два авиони од Кина, на скопскиот аеродром пристигнуваат долгонајавуваните 500 000 вакцини од Синовак. Утре преку Ковакс во земјата ќе бидат транспортирани и 100 000 дози од Фајзер. Филипче најавува враќање на масовната имунизација од наредната недела. Досега целосно заштитени од ковид се 200 000 граѓани а вчера биле аплицирани само 6500 дози и со овој процент Македонија се уште е меѓу последните во Европа со најмал опфат на вакцинација.

-Направен е план за складирање на две места, во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина каде што има доволно капацитет да се сместат во ладните соби. Непосредно по добивање на дозволата за пуштање на сериите во промет, верувам дека тоа ќе биде в понеделник или во вторник, ќе се дистрибуираат ширум државата, изјави Венко Филипче, министер за здравство

Овие количини кои треба да пристигнат се предвидени за 300 000 граѓани а на вакцинација.мк чекаат нешто помалку од 180 000. Во приоритетните кои треба да примат вакцина спроед Филипче се и наставниците кои досега беа он лајн настава, за од семптември да можат да се вратат во училниците.

-Во некои земји има случаи на заразени лица, а вакцинирани, со индискиот сој, но добро е што над 98% тие случаи не бараат хоспитализација, што значи клиничката слика е послаба, изјави Филипче.

Надлежните засега немаат целосна бројка на македонски граѓани кои вакцина примија во соседна Србија и на гранични премини со Бугарија бидејќи во земјата не добија порака за имунизација.