Македонија
15. April 2021 - 16:37

Уставен ја одложи одлуката за Еуростандард банка за идната недела

Уставниот Суд го одложи за идната недела гласањето за уставноста на Законот за банки, по барање на оштетените штедачи од Еуростандард. Прво ќе се чека на податоците од Антикорупциска за тоа дали има судир на интереси кај судиите кои ќе гласаат.

Оштетените штедачи и натаму бараат правда.

“Практично, ние оштетените штедачи сме жртва на системот во кој што не функционирала правната држава. Имено, само Уставниот Суд може да го укине законскиот текст кој овозможува и креира правна несигурност што води во неизвесност илјадници семејства”, изјави Мира Беќар од Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи”.

Штедачите бараат Судот да го испита законското решение, бидејќи сметаат дека се обесправени.

“Јавноста треба да знае дека ниту едно од 2.000 правни лица не доби ниту денар обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Многу од нив се на работ од опстојување, некои можеби веќе се банкротирани, вработените оставени на улица. Тоа генерира поширока економска и социјална несигурност”, изјави Мира Беќар од Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи”.

Ова е трето одлагање на Седницата на Уставниот Суд, на која треба да се гласа Законот за банки.