Живот
15. July 2022 - 19:34

Успешен старт на „Пиво фест“

Во Прилеп започна најмасовната и најпозната фестивалска манифестација во Македонија „Пиво фест“. Посетителите велат дека по 2 години пауза полека се враќа стариот сјај на Фестивалот. 

„Нема подобро, треба дружба, ние доаѓаме од Скопје“, вели еден посетител.

„Од странство сум, годинава прв пат сум, оценката е чиста 10 за фестивалот“, вели друг посетител.

„Одлично е, треба да дојдат сите, најмногу ми се допаѓа музиката“, истакна една посетителка.

Задоволни се и угостителите. Велат дека како за почеток на фестивалот имало доста посетители. Најголемиот број посетители се очекуваат денеска и за време на викендот. 

„Атмосферата од 1 до 10 е чиста 10-ка. Има муштерии се е во ред, очекуваме во наредните денови да биде уште појако“, вели еден угостител.

„Некаде од пладне започнаа да не посетуваат гости и цело време е полно еве се до вечерва. И како што разбрав сите соби и апартмани кои се издаваат во Прилеп се букирани од гости од надвор“, изјави друг угостител.

И организаторите се задоволни од одличната атмосфера и најавуваат уште повеќе забава вечерва и за викендот.

„Минатата вечер која би кажала дека помина во една одлична и забавна атмосфера, навистина добра посетеност и им благодариме на сите изведувачи кои вчера вечер ни приредија навистина една вечер за паметење“, вели Маријана Станојкоска, водител на Фестивалот.

„Над 30.000 луѓе сигурно беа дел од Пиво фест, дали на главна сцена, дали на алтернативна сцена“, додаде Ване Маркоски, портпарол на Фестивалот.

Еден од оние кои ќе настапат вечер се и легендарниите „Дивље Јагоде“.

„Ќе свириме песни кои публиката ги преферира, од првиот до последниот албум. Некои ќе добијат повеќе некои помалку. За разлика од други групи кои хиитовите ги чуваат за крај, ние почнуваме со хитовите, ако не секоја втора, секоја трета песна нас ни е хит. Секогаш почнуваме со песната „Мотори“, рече Зеле Липовача, викал на Дивље Јагоде. 

Вечерва освен Дивље Јагоде вечерва настапуваат и Рок Блуз Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Нокаут, Ареа, Brass Brothers, додека пак на алтернативната сцена ќе настапaт DJ Anna Noodle и Lili Diva.