Македонија
19. April 2021 - 17:04

Уште една недела полициски час и затворени угостителски објекти

Уште една недела полициски час од 20 до 5 часот наутро и клуч на врата на угостителските објекти и фитнес центрите за посетители. Членовите на Комисијата за заразни болести сметаат дека треба да продолжат рестриктивните мерки до 27 април. Останува и забраната за семинари и конгреси. За истото се согласиле и во Кризниот штаб, а одлуката треба да биде усвоена на утрешната владина седница.

Лекарите на утринскиот состанок на Комисијата констатирале дека се стабилизира епидемиолошката состојба, но притисокот врз болниците и понатаму е голем, а бидејќи лекувањето трае подолго да не дојде до колапс на здравствениот систем.

-Се надеваме дека и натаму мерките ќе даваат резултат со оглед на тоа што и бројот на новодијагностицирани се намалува, во очекување сме ситуацијата да продолжи да се стабилизира, напиша на Фејсбук министерот Филипче.

Како ќе биде за претстојниот велигденски продолжен викенд Комисијата ќе одлучува идниот понеделник. Според информации на Сител доколку продолжи ваквата ситуација можно е олабавување на мерките, да се намали времетраењето на полицискиот час, а угостителите да ги отворат за гости летните тераси.

И бројките на хоспитализирани полека се намалуваат. Изминатото деноноќие 48 пациенти биле примени во Ковид центрите во главниот град, а ширум државата на болничко лекување има 1663 граѓани.