Македонија
27. February 2020 - 16:41

Училиштата мора да набават средства за хигиена, инспектори ќе проверуваат на терен

Во сите училишта мора да има основни средства за хигиена, во спротивно ќе има санкции. Вакво предупредување упати министерот за образование по појавата на Ковид-19 во земјава. Адеми потенцираше дека државата им префрла пари на општините за да набавуваат сапуни и дезинфекциони средства, дали ова се почитува инспектори од министерството уште денеска ќе ги контролираат образовнитѕе установи, најпрво во Скопје.

-Училиштата се финансираат од државата, а парите не се само за плата, туку и за режиски трошоци меѓу кои и за средства за дезинфењкција, изјави Арбер Адеми, министер за образование.

Министерството уште синоќа испратило допис до сите училишта да информираат дали некое дете или вработен патувале во Италија или останати држави во кои има голем заразени со коронавирус и истите да не ги примаат на настава и на работните места.

Во меѓувреме сите екскурзии на скопските средношколци во ризичните земји се одложени на неопределено време.

-Училишните раководства веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки. Училишните раководства веднаш да почнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за соодветно информирање, превенција и справување со корона вирусот, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

До крајот на неделава во сите средни училишта во Скопје треба да се одржат едукативни предавања како децата да се заштитат од коронавирусот.