Македонија
21. January 2020 - 16:43

Учениците од дневен престој во Општина Аеродром без топол оброк цела недела

 Второто полугодие во општина Аеродром почна без топол оброк за најмалите ученици. Доцна синоќа родителите на децата од дневен престој биле известени дека нивните деца ќе останат без храна, и било побарано од нив децата од училиште да ги земат во 12 часот.

-Почитувани родители, само што добивме информација дека поради неуспешна реализација на тендер од страна на општина Аеродром, утре и во среда нема да има храна во училиште. Препорачливо е децата да се земат во 12:00/12:30. Препорачливо е на децата да се испрати сува и спакувана храна.

Ова е пораката која родителите ја добиле вчера.

Родителите се гневни бидејќи надлежните знаеле дека договорот завршил на 31 декември минатата година, известени биле дури доцна синоќа. Велат дека во минатото навремено биле известани за промените, меѓутоа, овој пат тоа не било случај.

Преку социјалните мрежи родителите алармираа за проблемот.

-Златко Марин, способен ли си барем една работа да направиш како што треба? Ги остави сите дечиња во целодневна настава без храна на почеток на второ полугодие, е само една од реакциите на гневните родители.

Општина Аеродром молчи. Градоначалникот Златко Марин остана недостапен за Сител. ПР-службите до подготовка на прилогот не одговорија на прашањата. Затоа не се знае од кога точно дечињата во аеродром ќе почнат да добиваат храна на училиште.

Родителите за храна месечно плаќаат околу 1.500 денари.