Бизнис
9. July 2020 - 19:43

Туристичките агенции бараат да бидат дел од процесот на туризам со ваучери

Туристичките агенции се жалат дека не се вклучени во проектот „Дома си е дома“. На страната веќе се објавени сместувачките капацитети каде граѓаните со туристички ваучер можат да одат, но не мора да ангажираат туристичка агенција. И покрај тоа што неколку пати апелираа да бидат вклучени во поттикнувањето на домашниот туризам, туристичките работници сега велат дека не се дел од проектот.

Од Министертвото за економија пак тврдат дека сите туристички агенции кои поседуваат лиценца се вклучени во проектот, но треба сами да склучат договори со сместувачките капацитети.

Туристичките агенции може да склучат договор со некој од објектите и да продаваат аранжмани на лица кои поседуваат ваучер односно да посредуваат и да понудат дополнителни услуги (транспорт, водич, храна, пијалоци и сл.), со тоа што лицето задолжително Ваучерот ќе го приложи во објектот каде што ќе престојува, а истиот објект ќе го фактурира износот до Министерството за економија. Доколку туристичката агенција на клиентот му продаде аранжман со цена повисока од вредноста на аранжманот, ваучерот од 6.000 денари клиентот ќе го приложи во хотелот, а остатокот до целокупниот износ на аранжманот ќе треба да го плати во агенцијата, се вели во дописот на Министерството за економија.

На страната „Дома си е дома“ објавени се сместувачки капацитети во повеќе градови во земјава. Туристичките ваучери од 6.000 денари ги добија лица со римања до 15 илјади денари. Можат да ги користат од 15 јули до 15 декември.

Поради кризата туристичките агенции веќе 5ти месец не работат и се без приходи, поради што повторно поднеле барање до надлежните за добивање на помош. Една од мерките кои сметаат дека треба да продолжи е субвенционирањето на платите од 14. 500 денари.