Македонија
30. November 2021 - 16:42

Трговците стравуваат за бизнисот, граѓаните ги подготвуваат торбите

Употребата на биоразградливи кеси за пазарџиите е неприфатливо. Велат, цената од 15 денари е превисока и не знаат како од четврток ќе ги продаваат своите производи. Очекуваат муштериите да доаѓаат со платнени торби.

„Немам намера да продавам кеси. Ќе земам хартиени, колку можам да покријам, а 15 денари е непрфатлива цена ниту за муштериите, ниту за нас е“

„Јас ако му наплатам 15 денари да му го спакувам, тогаш е безцелно да му го продадам. Како ќе продавате од 1ви декември? Немаме јасна слика што ќе се случуава. Не знаеме како ќе развива таа работа. Дали можеби и законодавецот е докрај искристализиран или ќе се направат некакви измени?“

„Торби ќе си носат од дома, така ќе си го решат проблемот, инаку 15 денари е многу“

Затечени од одлуката се и продавачите на свежо месо и риба. Не сакаат да говорат јавно, но зад камерата велат дека никој од надлежните не им објаснил како тие да ја заменат амбалажата, а тоа да не влијае врз цените.

Збунети се и купувачите. Во маркет велат ќе пазаруваат со торба, ама не знаат во каква амбалажа ќе го земаат овошјето и зеленчукот. Не сакаат да плаќаат по 15 денари за кеса.

„Ќе земаме кога ептен е неопхдно. Ние излегуваме на пазар повеќепати во текот на денот и не можеме тоа да си го дозволиме за да купуваме кеси од 15 денари“

„Патлиџан, пипер не знам во што би ставале, кило по кило кога ќе се мери. Тоа може од тенките кесички, сигурно поевтини ќе бидат, нема да бидат 15 денари“

„Јас студирам во Љубљана и сум навикната да носам платнена торба и тука пред да биде донесен законот веќе си носам платнена торба со мене“.

Дел од маркетите најавија дека ќе ги повлечат пластичните кеси и од 1ви декември ќе ги заменат со хартиена амбалажа.

Неофицијално, секој жител во земјава, дневно употребува по две пластични кеси, а нивното производство за 10 години било двојно зголемено.