Свет
26. January 2021 - 14:00

Трамп отвори канцеларија на Флорида

Доналд Трамп во понеделникот отвори канцеларија во Флорида за да ги води своите работи како поранешен претседател на САД и да ја промовира програмата на својата администрација.

„Канцеларијата ќе биде одговорна за спроведување на преписката на претседателот Трамп, јавните настапи и појавувања и официјалните активности за промовирање на интересите на Соединетите Држави и ќе продолжи да ги пропагира програмите на администрацијата на Трамп преку промоција, организација и јавен активизам“, се вели во соопштението.

Најавата за основање на канцеларијата дојде истиот ден кога Претставничкиот дом му го предаде на Сенатот обвинението против Трамп за поттикнување немири во говорот пред Трамповите приврзаници да упаднат во зградата на Конгресот на 6 јануари. Судскиот процес за Сенатот треба да почне на 9 февруари.

Во прошталниот говор на последниот ден од неговото претседателствување, Трамп им рече на своите приврзаници: „Ќе се вратиме на некој начин“.

Откако минатата среда одлета од Вашингтон до својот имот Мар-а-Лаго во Флорида, Трамп се нема појавено во јавноста.

Волстрит џурнал објави дека во последните денови од неговиот мандат, Трамп и неговите соработници разговарале за формирање нова политичка партија наречена Патриотска партија.

Од претседателските избори во САД на 3 ноември, на кои победи демократот Џо Бајден, Трамп безуспешно се обидуваше да го оспори и промени нивниот исход, неосновано тврдејќи дека ги изгубил поради изборни измами.