Македонија
26. January 2020 - 16:43

Термални камери и лекарски тимови за патниците што ќе слетаат од Истанбул и Дубаи за превенција од корона вирусот

Од утре сите патници кои ќе слетаат на скопскиот аеродром од Дубаи и Истанбул ќе бидат скенирани со термална камера. Оваа превентивна мерка  ја донесе Комисијата за заразни болести за да се спречи ширењето на Корона вирусот во земјава. На аеродромот ќе има и лекарски екипи кои посебно внимание ќе посветат на луѓето кои патувале во Кина каде е жариштето на овој вирус.

-Со оглед на тоа што е сезона на грип се очекува и многу лажни позитивни резултати и тие ќе бидат пуштени на домашно лекување.  За луѓето, потенцијални пациенти, што доаѓаат од регионотна Кина, од регионот на Вухан, а кај кои може да се јават симпотми, од утре ќе биде објавен телефонски број на кој може да се јават за да бидат понатаму насочени каде да се јават во нашиот здравствен систем, за да не се јавуваат по матични лекари и амбуланти со цел тој вирус доколку постои да не се прошири. Сите други пацинети кои имаат симпотми на грип ќе го пратат нормалниот процес од матичен лекар кон Инфективната клиника, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Македонските здравствени власти смируваат дека нема простор за паника кај нас, но корона вирусот стави под карантин над 55 милиони луѓе во Кина. Досега има 50-тина смртни случаи, а над 2000 се заразени. Освен во Азија, вирусот се прошири и во Европа, САД и Австралија. Иако не е потврдено претпоставките се дека се пренесува по респираторен пат, а симптомите се слични како кај грипот.

- Може да помине со лесна средна форма, но и тешки форми како што еве веќе предизвикаа смрт кај пациенти заобоелни од овој вирус, изјави д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ.

Во моментот во земјава има реагенси за откривање само на 4 типа на Корона вирус, но здравствените власти уверуваат дека наредната недела ќе бидат набавени за сите типови. Вакцина за овој вирус нема и се очекува на биде произведена најрано за 1 година.