Македонија
27. November 2021 - 19:43

Тема на денот со словенечкиот амбасадор Милан Предан

Дали Словенија како претседавач со ЕУ чувствува фрустрираност дека не успеа со еден од проритетите во 6 месечната програма, почеток на преговорите со Македонија за членство во Европската Унија? 

- Не, не сме фрустрирани. Не сме фрустрирани поради тоа што, прво се уште имаме надеж дека до крајот на нашето претседавање можеме да придвижиме нешто по тоа прашање. Доколку нема доволно време, бидејќи сега и времето малку е проблем за да се донесе некоја формална одлука кон средината на декември, јас мислам дека има шанси барем да се подготви теренот за таа одлука да може да се донесе во јануари. Не сме фрустрирани и поради тоа што ние како претседавачи направивме речиси се што можевме таа работа да се придвижи. Ние навистина се ангажиравме и со организација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, каде успеавме да ги собереме сите кои имаат некакво влијание во таа ЕУ. Дури за прв пат се случи на тој Самит ЕУ-Западен Балкан да дојдат токму сите премиери. Некои во некои петходни прилики не дојдоа поради одредени резерви, бидејќи нивните држави не ја признале независноста на Косово. Овој пат таму беа сите. Таму беше, како што знаете и бугарскиот Претседател, таму беше и вашиот Премиер. Значи беа направени сите услови, не таму да се најде решение, туку барем да се создаде една атмосфера која ќе доведе до решение. Ние всушност, сепак успеавме внатре во ЕУ, помеѓу сите членки, речиси сите членки да направиме еден консенсус таа приказна да мора да се заврши уште оваа година. Мислам дека никогаш досега немало таков силен консенсус помеѓу членките Северна Македонија и Албанија да мора да ги почнат преговорите. Ние не успеавме во тоа, на тој Самит да се дефинира еден временски рок до кога државите од Западен Балкан да мора да влезат во ЕУ. Ние тогаш ја спомнавме 2030 година. Но, и покрај тоа мислам дека голем дел од тоа што си го зададовме како претседавачи кога го ставивме Западниот Балкан на врвот на нашата агенда успеавме да го оствариме. Но, за жал ние не зависиме само од себе.

Блокирање на преговорите имало и порано. Блокада од Италија за Словенија, па од Словенија и Хрватска, како ги разрешувавте овие спорови, а при тоа да не трпат евроинтеграциите? 

- Морам само да ве поправам што се однесува до тнр блокада на Хрватска. Треба да се знае дека работата запре околу прашањето на границите малку пред Хрватска да влезе во ЕУ, значи не на почетокот на пеговорите. Но, видете како тоа ние го решивме. Едноставно кога видовме дека не можеме да го решиме тоа на билатерално ниво заедно се договоривме решението да му го препуштиме на некој трет, тогаш тоа беше Арбитражниот суд. Што се однесува на прашањето со Италија, тоа навистина беше пред почетокот на нашите преговори. Веројатно знаете, тогаш Италија бараше промена во нашиот Устав, бидејќи ние имавме во Уставот клаузула која не им дозволуваше на странците да купуваат недвижнини во Словенија. Тој член од Уставот и така требаше да се отстрани кога ќе влезевме во ЕУ. Нам тогаш не ни беше лесно. Ние тогаш моравме да го смениме Уставот. Но, едноставно проценивме дека таа цел, да влеземе во ЕУ, да ги почнеме преговорите многу поважна од ајде да речам некоја наша национална гордост, суета. Едноставно го прифативме тоа како некоја нужност и мислам дека се покажа дека таа одлука беше вистинска. Но, повторно. Тоа беше еден дијалог и денеска ако ги гледаме нашите односи и со Италија, тоа немаше никакво влијание.

Интересна компарација. Едно од барањата на Бугарија е сега, Бугарите од Македонија да влезат во македонскиот Устав. Што сметате дали таа промена треба сега да ја направиме или како што макеоднската страна вели дека тоа ќе го стори непосредно пред влезот или откако ќе влезе во ЕУ кога ќе треба да се смени Уставот? 

- Тоа пред се зависи во кој момент воопшто е можно да се обезбеди двотретинско мнозинство. Кога ќе биде тоа сигурно е ваше внатрешно прашање. Бидејѓи вашиот Устав изричито набројува некои етнички групи, немам некои големи резерви тоа да се направи. Но, секако е ваше внатрешно прашање. Но, да се вратиме на тоа што претходно го говоревме. Значи ако во еден момент оцениш дека ако направиш нешто што не е оптимално, но не е целосно против твоите интереси, од друга страна може на другата страна да ти отвори некои нови можности и да те приближи до некоја повисока цел, јас мислам дека тоа е една многу рационална одлука.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Гашпер Довжан, неделава во Брисел по средбата на министрите за европски прашања: Ме радува што има општа поддршка за целиот процес, но сѐ уште има билатерални прашања, посебно истакнати од страна на Бугарија, но се надевам дека до крајот на нашето претседавање со ЕУ ќе успееме да ги решиме проблемите, овој процес мора да биде позитивен. Слично наведовте и вие на почетокот. Има ли според вас шанса тогаш да се постигне договор помеѓу двете земји што би ја отворило вратата за првата меѓувладина конференција? 

- Мислам дека има. Знате дека стручните групи на министерствата за надворешни работи веќе се сретнаа неколку пати. Последниот состанок мислам дека го имаа кон крајот на јули. На масата се наводно некои предлози околу имплементацијата на тој билатерален договор за добрососедство од 2017. Тоа е тнр ,,патна карта‘‘ за која јавно многу се зборува. Тука има 5 точки. И на тој последен состанок ставовите на двете страни сепак се зближија. И се укажа прилика дека сепак може да се дојде до компромис. Потоа работите запреа поради изборите и овде и во Бугарија. Ние сега како претседавачи сакаме да им ја пренесеме на вашите луѓе нашата порака: Ајде обидете се времето што го имате да се искористи сепка да може да се дојде до некој договор. Мислам дека договор е можен. Колку што знам вашата страна подготви одговори на предлозите што се дадени од бугарска страна. Сега едноставно треба да се договори следната средба. На таа следна средба ако навистина дојде до некое придвижување мислам дека тоа на некој начин и за бугарската страна би било причина да го повлече ветото.

Има некаква еволуција во барањата од страна на Бугарија. Дали вие како Словенија ги разбирате аргументите на бугарската страна, односно цел аЕУ да се занимава со историските прашања, или потеклото на јазикот наместо со идните проекти?

- Пред се, тоа се прашања кои не можат да се решат. Ако зборуваме за историјата, за работата на историската комисија, тоа се покажа во работата овие 2-3 години од нејзината работа дека тоа се толку тешки прашања што едноставно не можат да се решат во месец дена, година дена. Има слични историски комисии во Европа. Да кажеме француско-германската, германско-полската кои веќе работат 10, 12, 15 години и уште не дошле до решенија. Но, тоа во никој случај не влијае на нивните односи. Ние секогаш велиме, добро тоа се прашања кои би било добро државите да ги решат. Но, ќе имаат доволно време во текот на преговорите. А, не сега тие договори да се условуваат со почетокот на преговорите. Мислам дека тоа што е добро, е што сега сепак прашањата за идентитетот и јазикот кои беа силно изразени пред некое време, во разговорите околу ,,патната карта‘‘ веќе не се во преден план. И тоа ни дава некоја надеж дека може да се дојде до компромис. Ако тие прашања и натаму бидат на маса тогаш веројатно би било тешко.

Може ли според вас да се изврши притисок врз Бугарија, иако досегашниот притисок, да бидеме искрени не даде резултат. Дали има инструменти во ЕУ, пред се финансиски како што предупреди поранешниот бугарски премиер Борисов? 

- Мислам дека за идните односи во ЕУ тоа се многу опасни размислувања. Ние го гледаме тој конкретен проблем и поставуваме некои принципи. Често ги слушам тие прашања: па добро како ЕУ не е способна да го реши тоа со некој притисок? Што се однесува до тој притисок мислам дека тоа што сега е важно е двете држави да направат што е можно повеќе во што пократко време што може да се направи на билатерално ниво. Бидејќи тука е вториот дел од прашањето, кое е работа на односите помеѓу Брисел и Софија, бидејќи бугарската страна сега бара гаранции дека Северна Македонија договорите поврзани со имплементацијата на билатералниот договор ќе ги имплементира. Значи тие бараат некој мониторинг од ЕУ. Знаете дека тука има друг проблем, бидејќи големо мнозинство од земјите членки не секаат тие билатерални прашања да се внесуваат во преговарачката рамка. Ние сега како претседавачи бараме малку поинаква формула која на некој начин би го приспособила тоа што бугарската страна го сака. Сигурен сум дека ако на тоа билатерално ниво се тргне во добра позитивна насока, веројано и тој другиот дел од проблемот кој е поврзан со нашето претседавање и со ЕУ полесно ќе се реши.

Што ќе се случи доколку бокадата остане подолго време? Евроскептицизмот во Макеоднија веќе зема силен замав, а силен замав зема и интересот на трети држави за влијание во регионот?

- Да, тоа што го рековте е евидентно. Ние едноставно не сакаме да размислуваме за тоа сценарио. Вие тоа веќе еднаш го доживеавте, едно чекање заради проблем со еден друг сосед. На основ на тоа искуство мислам дека таа приказна не смее да се повтори. Ние можеме во следниот час да зборуваме за тоа што би значело ако тоа не се случи. И на сите им е јасно. Значи тоа што го рековте, некој трет партнер сигурно ќе го исполни тој простор, ако не го заземе ЕУ. Веднаш треба да се каже дека интересот на тие трети сили е легитимен се додека се обидуваат тоа влијание да го остварат преку економска соработка, финансиска поддршка, вакцини, односно се додека тоа не е во некои недемократски облици. Ако тоа се случи, тоа пред се ќе биде наша одговорност бидејќи сме го дозволиле. Мислам дека во ЕУ сега тоа на сите им е јасно. Можеби во едно време сите беа свесни за тој проблем што може да се случи, но беше вака: Па добро, ајде да причекаме, можеби нема да биде така, имаме уште време, имаме време и многу работа да решиме некои прашања во ЕУ. Ни, сега мислам дека дојде време кога сите се освестија дека веќе нема чекање. Тука треба нешто да се направи. Токму поради тоа мислам дека, иако во овој момент изгледа дека шансите се релативно мали, тоа може многу брзо да се промени. На крај ајде да причекаме како ќе биде со новата влада во Софија. Некои сигнали кои ги даде потенцијалниот нов мандатар мислам дека се позитивни, дека тоа е еден поинаков пристап кој може да донесе решение и ние како претседавачи не губиме надеж да го решиме тоа. Но, мислам и дека, доколку тоа не ни го дозволи времето, бидејќи зборуваме за временски распон од 2-3 недели, тогаш како што реков барем да го подготвиме теренот за да може веднаш на почетокот на француското претседавање таа работа да се официјализира. Мислам дека француското претседавање е подготвено на тоа, тие и го рекоа тоа. Избори имаат во арпил, така што ако тоа се случина почетокот на годината мислам дека тоа сигурно би било реално.

 Секако. Доколку таа приказна се одолговлекува, тогаш сигорно притисокот за раздвојување би бил се поголем. Но, во овој момент речиси ниту една земја членка заговара одвојување. Знаејќи што би значело тоа, дека не само што би било нечесно за вашата држава која направи толку многу да го почне тој процес, туку дека тоа би имало многу лоши импликации и за целиот регион и за меѓуетничките односи овде во вашата држава.