Македонија
9. July 2020 - 16:30

СЗО потврди дека вирусот се шири преку воздух, Македонија засега не го менува протоколот за носење маски

Граѓаните засега нема потреба да носат маски кога се сами на улица, во автомобил или лифт. Ваков е ставот на министерот за здравство откако вчера СЗО призна и се согласи со стотици светски научници кои со докази тврдат дека коронавирусот може да се пренесе и преку воздухот.

-Прашање е колку може да издржи во воздухот и дали трансферот се прави со капки или може да лебди и тоа е една голема непозната. Во секој случај маската како надополнување на држењето дистанца согласно потврдените сегашни сознанија е доволна мерка, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче тврди дека досега во Македонија немало случај на заразен кој ги почитувал мерките за носење маска и физичка дистанца.

-Нема  некој заболен кој ги почитувал мерките, така како што се сега димензионирани. Во таа смисла оваа мерка е сосем соодветна, рече Филипче.

Инаку за време на Пандемијата СЗО ги менуваше ставовите и за маските и за асимптоматските случаи. Прво тврдеа дека здравите не треба да носат маски, потоа оваа мерка ја препорачаа како задолжителна за сите ако не може да се држи растојание. Исто така СЗО уверуваше дека лицата без симптоми не можат да го пренесат вирусот, за по неколку дена да го тврдат спротивното.