Македонија
6. February 2023 - 16:37

Светот обединето понуди помош за Турција, сочувство и поддршка и од Македонија

Веста за катастрофалниот земјотрес во Газиантеп уште во раните утрински часови го вознемирила и Ердоган Сарач кој веднаш ги побарал телефонски пријателите во Адана. 

Претседателот на движењето за национално единство на Турците во Македонија изразувајчи сочувство за загинатите, вели дека постојано се во комуникација со познаници што ги имаат а најмногу со студенти кои учеле на универзитетите во Гостивар, Штип и Скопје.

-Има многу студенти кои учеа во универзитетите во Македонија и сега се на работа токму во погодените подрачја. Ги контактиравме за среќа меѓу нив нема настрадани, но има членови од нивни семејства, вели Ердоган Сарач претседател на Движење за национално единство на Турците во Македонија.

Дали дарување на крв, некои здравствени услуги или медикаменти..подготвени сме за се што треба, вели Сарач посочувајќи дека многу граѓани уште утринава самоиницијативно се организираат за било какви донации.

-Има доброволци од кај нас кои сакаат да заминат таму и да бидат со оние итните екипи на терен за спасување на преживеани и за наоѓање на тела под урнатините, вели Сарач. 

Освен телеграмата со сочуство до турскиот народ и до Ердоган, претседателот Пендаровски најави помош и од Македонија. 

-Македонската Владата и ние како држава нема да останеме само на зборови туку ќе пружиме конкретна помош. Годинава треба да одбележиме шест децении од катастрофалниот скопски земјотрес и многу добро знаеме како е кога некои народи и држави се наоѓаат во слична ситуација. Нашите мисли се со турскиот народ и турските граѓани, пред се оние што ги изгубија своите животи, изјави Стево Пендаровски претседател на РСМ.

Длабоко сочуство до Реџеп Таип Ердоган за изгубените животи упати и премиерот. 

–Ужасна вест за земјотресот во Турција која не растажи сите, посакувам побрзо опоравување на повредените, напиша Димитар Ковачевски. 

Освен пораки со жалење за катастрофата, министрите Спасовски и Петровска порачаа дека полицијата и армијата стојат на располагање во овие тешки моменти. 

Телеграми со сочуство до турскиот народ упати и опозицијата 

Вонредна седница најавуваат и од град Скопје каде треба да одлучат за испраќање помош во Турција и Сирија.