Света архиерејска литургија во Соборниот храм по повод Св. Климент Охридски
По повод празникот на големиот светител Климент Охридски, патронот на нашата Света Црква – Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во Соборниот храм во Скопје денеска се одржа света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во соослужение со шест архиери и многубројни свештенослужители.
На литургијата проповедаше епископот Херајклејски г. Климент, кој ги потсети верниците на божиќниот пост и се осврна на животот, образованието и делото на Св. Климент Охридски. Покрај Горазд, Наум, Сава и Ангелариј, тој, како што рече, бил најсакан и најбистар ученик на Светите Кирил и Методиј.
-Соборниот храм е најприличното место за средба со нашиот небесен покровител овде и во овој простор охрабрени од неговата многупати покажана милост и закрила му оддаваме достојна чест и долична благодарност. Божјиот дом е местото каде исчезнуваат растреперените колебања на академската несигурност за тоа кој е и чиј е Св. Климент. Обидите за согледување или разбирање на светителот преку историско-теоретското проучување се еднострани и лишени од есхатолошката стварност. Феноменот на светителот останува недопрен и скриен дури и во придушената светлина на религискиот концепт, рече г. Климент.
Тој нагласи дека Свети Климент живеел, делувал, учел и поучувал, богослужел и проповедал со, како што рече, благодатта и во неа, со Црквата и за неа, со светото Евангелие и за него, со Бога и во него.
– Обидите да се присвои Св. Климент се понеразумни од обидот да се присвои сонцето. Светиклиментовото наследство не може да биде повод за расправии од едноставна причина што тоа спаѓа во доменот на богословието и богославењето, објасни г. Климент.
Епископот Херајклејски г. Климент упати благодарност до Св. Климент Охридски за се што направил добро за нашиот народ и за нашата црква. Изрази благодарност за буквите, за словата, за црковното и духовното дело, за возобновениот Плаошник и за некогашниот Охридски универзитет крај, како што рече, Белото Езеро, за 3.500 учениците, за повторно заживеаните манастири…
Во Соборниот храм во Скопје присуствуваа верници, кои му оддаваат почит на големиот светител Климент Охридски. На светата архиерејска литургија присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Ново на Сител
-
Неврохирург со амбиција за промени во општеството | Венко Филипче | Неформално | Sitel Podcast 028
-
Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка
-
Поради одржување предизборни митинзи в сабота и недела изменет режим на сообраќај во Скопје
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација