Свет
7. October 2015 - 17:24

Султаните од Малезија побараа брза, целосна и транспарентна истрага за потеклото на 700 милиони долари на сметката на премиерот Разак

Невообичаено за политичките прилики во Малезија, деветте султани на сојузните држави денеска издадоа заедничко соопштение во кое побараа брза, целосна и транспарентна истрага за потеклото на 700 милиони долари, откриени на сметката на премиерот Наџиб Разак.

Аферата што ја потресува Малезија веќе два месеци, сегашниот премиер сака да ја објасни дека парите биле донација од анонимен поддржувач што потекнува од богатите држави од Средниот исток, но опозицијата, на чело со поранешниот премиер Махатир Мохамад тврди дека тоа е лага и дека парите на сметката на Разак дошле од државниот Фонд за развој на Малезија.

Соопштението на султаните е издадено два дена пред одржувањето на традиционалниот петгодишен избор на нов монарх на Малезија, функција идентична на функцијата на англиската кралица. Целиот политички систем на Малезија е копија на системот во Велика Британија, чија колонија беше Малезија.

Истрагата за потеклото на 700 милиони долари на приватната сметка на премиерот Наџиб Разак кон крајот на август беше ставена “под тепих“ од како Разак ги разреши заменикот премиер и државниот обвинител. За сега, органите што наводно ја продолжија истрагата тврдат дека немало коруптивна афера во која лично е вмешан премиерот. Меѓутоа, со најновата поддршка на султаните, но и со податоци кои ги собираат и истражители од САД, Швајцарија, Сингапур и други држави, се очекува расветлување на големиот скандал.

Аферата прв ја откри влијателниот „Азиан волстрит џурнал“, кој објави документи за трансфер на пари од државниот Фонд за развој на Малезија на други сметки, од кои, на крајот милионите легнале на сметката на премиерот Разак.

Државнот Фонд за развој на Малезија е институција формирана од страна на сегашниот премиер, а минатата година Фондот остварил загуба од девет милијарди долари.