Македонија
23. February 2020 - 20:06

Струмичките работилници ги привршуваат новите костими за традиционалниот карневал

Од подруми, преку гаражи до дневни соби, скоро секој слободен простор во Струмица е претворен во карневалска работилница.  Се подготвуваат индивидуални, но и многу групни маски. Најголемата забава под маски во државата ќе биде за една недела, а дотогаш се користи секој слободен момент за реализација на замислената идеја. Нешто повеќе од два месеци во карневалско расположение се и членовите на групата Мулен Руж.  Поделени во групи интензивно работат на финализација на нивната нова креација. Работат на неколку различни локации и секој од групата си има точно утврдени задолженија.

Секоја детал од карневалските маски се изработува рачно. А бројките на материјалите кои се употребуваат се импознатни. Само за костимите Мулен руж годинава употребиле околу 1000 метри украсна лента, над 150 метри платно, преку 1500 украсни камчиња.

Групата Мулен Руж и оваа година се натпреварува во категоријата групна маска до 30 учесници. Нивниот најмлад член има осум, а највозрасниот 56 години. Финалниот производ од неколкумесечната работа ќе го презентираат  на 29 февруари за кога е закажана и главната карневалска вечер.