Loading Video...
Кошарка
12. July 2020 - 10:03

Струмичанецот, Димитар Пандев (210.cm) ќе настапува во елитната НЦАА Универзитетска лига

 
 
Дека Македонија има кошаркари таленти кои дури и Американците ги препознаваат најдобро говори и следната информација.
Младиот македонски кошаркар Димитар Пандев уште еден во низата кои летово се ангажирани од американските Универзитети. 
Пандев кој игра на позицијата крилен-центар (4-5) својата кошаркарска, но пред се едукативна иднина ќе ја продолжи на Индијана Универзитетот, Пердју во Индијанаполис (IUPUI). 
 
22 годишниот Струмичанец, кој беше член на сите младински репрезентации на Македонија, потпиша стипендиски договор со еден од најдобрите колеџи чија кошаркарска екипа „Јагуари“ настапува во елитната прва дивизија во НЦАА шампионатот. 
210 сантиметри високиот Пандев летово работи во добро познатиот камп на ТФС од Атланта на Џеремаја Босвел, а под менторство на тренерите Роб Џонсон и поранешниот македонски репрезентативец Ефтим Богоев. 
 
Како што ни изјави самиот Пандев изборот на овој универзитет паднал првенствено поради одличните услови за работа и кошаркарско усовршување, но и можностите за подобра едукација, што практично гарантира и успешна животна кариера по завршувањето на кошаркарската. 
 
„Пред мене се нови предизвици, пред се кошаркарски, но и едукативни. Сакам да напредувам во двете области, а тоа овој универзитет најдобро ќе ми го овозможи. Што се однесува до кошарката. Верувам дека со настапите во елитната НЦАА дивизија ќе се стекнам со уште поголемо искуство кое еден ден ќе ми овозможи да се најдам на „Драфтот“, а потоа да заиграм и во НБА лигата. Тоа е мој животен сон, на кој напорно работам“, изјави Пандев за Сител ТВ, додавајќи дека очекува во најскоро време повторно да го облече црвено-жолтиот дрес на македонската репрезентација, односно да добие повик од селекторот Тодоров. 
 
Инаку Димитар веќе две години е во САД, каде работеше и играше напорно, а неговите настапи во колеџ лигите со екипите на Солт Лејк Сити и Калдерон колеџот од Тексас не останаа не забележани, па затоа дојде и поканата на еден од најдобрите колеџи, од кој потекнуваат бројни кошаркари, меѓу кои и Џорџ Хил, актуелен член на тимот на Милвоки, кој продолжението на НБА лигата го очекува со најдобар „скор“ во сезоната.