Македонија
20. October 2019 - 19:32

Струмица сака да стане културно-историска туристичка дестинација

Струмица започна да се промовира како културно историска дестинација. Намерата е преку богатиот културно-историскиот капитал на регионот да го унапреди туризмот и да привлече што поголем број туристи.

За таа цел веќе е подготвен туристички водич насловен Струмица, градот кој треба да биде откриен, но и веб апликација која ги содржи сите значајни туристички атракции, културни манифестации и фестивали, активности и места за разгледување во градот и околината.

,,Целта ни беше да понудиме една нова туристичка понуда преку искористување на културно историскиот потенцијал на самата општина. Спроведовме повеќе активности преку јакнење на капацитетите на млади луѓе кои што беа вклучени во изработката на понудата и плус преку обуки ги зајакнавме нивните капацитети во развојот на културниот туризам“,вели Јасмина Пијанманова, претседател на здружението Култ Транзен од Струмица.

Проектот Струмица културно историска дестинација го финансира Европската Унија преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан спроведувана од страна на  УНДП. Свое учество во реализацијата има и општина Струмица.

,, Регионална програма за локален развој во Западен Балкан или ReLOaD e тригодишна програма која се спроведува во шест земји од регионот вклучително и нашата земја. Започна во 2017 година и се очекува да трае до 2020 година до јули“, вели Билјана Ѓоргиевска од  УНДП.

,, Поддржувајќи го овој проект со 20% од неговиот вкупен буџет го потврдуваме нашето партнерство со граѓанските организации. Истовремено ги мотивираме да креираат проекти со кои се унапредува развојот на Струмица“, вели Коста Јаневски, градоначалник на Општина Струмица.

Како дел од проектот  се и две нови туристички патеки ,,Кон патот на духовната традиција, 1000 години струмичка епархија“, и ,,7000 години цивилизација, од праисторија до среден век“. Истовремено на  11 археолошки и културни споменици во регионот беа поставени информативни табли.