Бизнис
16. јуни 2021 - 16:38

Стопанството со остри критики, Владата уверува дека поскапувањето на горивата нема да предизвика раст на инфлацијата

Бран поскапувања ќе донесе воведувањето еколошки данок. Бизнисот со остра реакција – зголемувањето на горивата за 3,5 денари, сериозно ќе се одрази на и така намалениот животен стандард на граѓаните. Сметаат дека сега не е момент за нови давачки, затоа што економијата се уште не е задрзавена од ковид пандемијата.

-Новата давачка ќе значи многу врз семејниот буџет, а за бизнис ќе значи зголемување на трошоците, во време кога можеби имаат други планови, дали се тоа нови инвестиции или слично, изјави Миле Бошков. претседател на Бизнис конфедерација.

Превозниците на стоки велат дека новата давачка двојно ќе им ги зголеми трошоците. Бараат од премиерот уште еднаш да ја преиспита одлуката, а зелениот данок да се воведе по примерот на европските земји. Но, да им остави време да се преориентираат кон еколошки возила.

-Во моментов превозниците не можат да ги зголемат трошоците, затоа што стандардот после кризата е намален, но воведувањето на еколошкиот данок ќе го поскапи превозот, а оние кои го користат, трговците веќе ќе си ги зголемат цените за зголемениот трошок, изјави Билајан Муратовска, МАКАМТРАНС.

Премиерот пак дециден - зголемување за 3,5 денари нема да влијае многу врз стандардот на граѓаните. Вели дека сме имале најевтини горива во регионот.

-Овие 3,5 денари нема да влијаат ништо посебно. Да не заборавиме дека имаме најевтини цени на горивата во региони. А платите не ни се најниски во регионот, изјави Зоран Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека останува уште данок во крв да воведе Заев. Со новата давачка планира од џебот на граѓаните годишно да собере 54 милиони евра.

-Се на се вкупно 14,06 денари поголеми давачки за секој литар гориво. Ова се пари кои ги даваме на владата на Заев, ова се пари кои ги плаќаме независно од светската цена на нафтата. Штетата од зголемувањето на цената на горивата ќе имаат пред се земјоделците и транспортерите, но и сите индустриски гранки, изјави Миле Лефков.

Според очекувањата на премиерот, еколошкиот данок  треба да се применува од 1 јули. Тој е вметант во ребалансот на буџетот. Но токму распаравата за него започнува на 1 јули, и ќе трае околу 15тина дена.