Македонија
30. јуни 2022 - 14:49

Стојановска: Џафери се збуни од нашата активна блокада и правеше грешки

На денешната 77. седница, со единствена точка на дневен ред Интерпелација за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери поднесена од опозицијата, поднесувачите го обвинија првиот парламентарец за нестручно, несовесно водење на законодавниот дом, проследено со бројни преседани, со кршење на Уставот и Деловникот. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери не ја разбрал пораката на интерпелацијата, а владејачкото мнозинство живее во паралелен свет.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска рече дека чашата се прелила кога Џафери се исплашил од нивната активна блокада и почнал секојдневно да прави грешки. Немоќта, рече Стојановска, да се усвои дневен ред два дена, ја извади на виделина целата неспособност и прибегнување кон кршење на Деловникот и панично се направија катастрофални и почетнички грешки од страна на еден долгогодишен пратеник, а за некого и најуспешен претседател на Собрание досега.

-Кон крајот на првиот ден од нашата активна блокада и првиот ден од започнувањето на новата 71-ва седница, сакајќи да не изигра, спикерот се повика на еден член од Деловникот, кој се однесува на расправа на закони и амандмани, кој вели дека ваквата расправа може да се заклучи, а за гласање да се определи ден и час кога Собранието би се изјаснило. Џафери сакаше да прескокне гласање за измена на дневен ред, повикувајќи се на овој член, рече Стојановска.

Таа посочи дека Џафери се збунил оти не бил усвоен дневниот ред и не почнала расправата за седницата и почнал да прави грешки. Поради не можноста да биде усвоен дневниот ред два дена, претседателот на Собранието, како што рече Стојановска, „се изживувал“ врз пратениците на опозицијата.

Пратеничката од ДУИ Арта Биљали Зендели, реплицирајќи и на Стојановска рече дека пратениците од опозицијата се однесуваат агресивно и потести како во минатото пратеници биле изнесувани од собраниската сала.

Нејзината колешка од ДУИ Фиснике Бектеши Шаќири во реплика до Стојановска рече дека со Интерпелацијата, опозицијата сака да ги фрли сите достигнувања на Собранието откако е претседател Џафери.

-Колку од ваша страна се почитува Етичкиот кодекс на однесување. Каде ви е достоинството? Не го гледам во вашите редови, рече Бектеши Шаќири.

Пратеничката од ДУИ Вјолца Адеми истакна дека се празни обидите на опозицијата да ги девалвира постигнувањата на Џафери и оти е јасна интенцијата од 27 април 2017 година, кога се случи терористички напад.

-До ден денес потврдувате дека не сте се помрднале од таа матрица, рече Адеми.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков рече дека зад Интерпелацијата на Џафери стојат повеќе од половина држава.

-Наместо да разговараме за власта до каде ја доведе државата, Талат Џафери лично, со противзаконско работење, се поставува како жив штит и Собранието го фрла како топовско месо во заштита на Владата која има само криминални интереси, рече Лефков.

Тој нагласи дека Талат Џафери ниту го почитува етичкиот кодекс на однесување ниту Деловникот, кој своеволно си го толкува.

Претседателот на Собранието Џафери во реплика му одговори на Лефков дека тој работи согласно Деловникот и ја почитува процедурата, а затворањето на вратата на салата било поради утврдување на фактичка состојба.