Свет
25. October 2021 - 11:20

Стејт департмент: Русите ќе мора да одат во Полска за иселенички визи за САД

– Русите кои сакаат да аплицираат за иселеничка виза за Соединетите Американски Држави, сега мора да одат во амбасадата на САД во Полска, бидејќи таа услуга повеќе не е достапна во Русија, соопшти Стејт департментот.

„Веќе нема да даваме нови термини за иселенички визи на руските граѓани во Москва“, изјави портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека сега тоа ќе го преземе американската амбасада во Варшава.
На веб-страницата на Стејт департментот, Русија е додадена на списокот на земји каде што САД немаат конзуларно претставништво или чија политичка или безбедносна ситуација е доволно несигурна или неизвесна што ограничениот конзуларен персонал не може да ги разгледува барањата за виза. Како што е наведено, меѓу десетината земји на списокот се земји во војна или непријатели на Вашингтон како Куба, Иран, Венецуела и Сирија.
Според американската дипломатија, одлуката на руската Влада да им забрани на Соединетите Американски Држави да ангажираат руски или персонал од трети земји на локално ниво сериозно влијае на нивната способност да обезбедуваат конзуларни услуги.
– Исклучително ограничениот број на конзуларен персонал во Русија во моментов не ни дозволува да гарантираме рутински услуги како што се издавање визи или помагање на американските граѓани, рече портпаролот на Стејт департментот.

Амбасадата на САД во Москва ќе продолжи да издава само дипломатски или официјални визи. Ваквиот развој на настаните се должи на нерешените тензии меѓу САД и Русија и протерувањето на дипломатите од двете страни.

На потегот на САД реагираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Американските дипломати долго време го уништуваат системот на конзуларните услуги во Русија, претворајќи во пекол нешто што треба да биде рутинска, техничка процедура“, наведе Захарова на Телеграм.