Македонија
18. September 2021 - 16:42

Стефоска: Во две децении најмногу пари за заштита на културното наследство

Заштитата на културното наследство оваа година е буџетирана најмногу во последните 2 децении, тврди министерката за култура Ирена Стефоска. Сега на ред се инситуциите да си ја завршат својата работа.

-Тие конкурирале со проекти, поддржани се многу добро за тоа за кое конкурирале и сега ги гледаме реализациите. До крај на година точно ќе знаеме дали вложените пари се реализирани. Не е секогаш до парите-изјави Ирена Стефоска , министерка за култура.

Тврдината на Исарот е заштитено културно наследство, но се уште тоа е само на хартија. Според првиот човек на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов, проблем е менаџирањето со објектите и затоа мора да се стават во контекст на современоста, што подразбира непосредна соработка на општината и надлежните институции, која ќе продуцира финансиска корист.

-Да се направи реформа и во финансирањето на средства за да се знае кои точно значајни споменици на културата треба да им се обрне повеќе внимание и од кои повеќе ќе има „ин кам“ и локалната самоуправа и државата – изјави Ацо Костов , директор на управата за заштита на културното наследство.АЦО КОСТОВ, 

Со други зборови, објектите и спомениците на културата мора да бидат ставени во туристичката понуда и да бидат атрактивни за посетителите.

-Колку и да трошиме средства за конзервација, ако тие со тек на време не обезбедат поврат, со привлекување на туристи, да направиме објекти каде туристите ќе можат да седнат кафе да се напијат, мислам дека тоа е потребно да се менаџира-изјави Мите Штерјов, директор на завод и музеј Штип. 

Во следниот период за осветлување и оградување на локалитетот „Баргала“ ќе бидат вложени 100 000 евра и исто толку за ревитализација на Саат кулата.