Македонија
26. October 2020 - 12:41

Стариот дел од Охрид полн со остатоци од античкиот период

Природното и културното наследство во охридскиот регион не е доволно заштитено. Градот има огромен потенцијал, бидејќи во него се крие вредно богатство кое треба соодветно да се истражи, заштити и да се презентира пред стручната јавност и туристите за збогатување на понудата. Добрите познавачи сметаат дека потребен е конзерваторски третман кој треба да трае во континуитет за наследството да има полн сјај.

Охрид претставува неоткриена ризница на културно богатство. Археолозите вршат истражување на патот Требеништа - Свети Еразмо по кој се насочува трасата Охрид –Кичево, а речиси под секоја куќа од стариот дел на градот, познатиот Варош, има остатоци од античкиот и ранохристијанскиот период.

Инаку една од препораките на Унеско за да не се најде охридскиот регион на листата на загрозени подрачја беше да се спаси природното и културното наследство. Во извештајот стои дека подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро.