Македонија
25. July 2021 - 19:35

Стабилна состојбата на хоспитализираните пациенти, лекарите порачуваат дека вакцините се единствен спас од вирусот

Велешанката со примени две дози вакцина, заразена со ковид, е во стабилна здравствена состојба, велат од инфективната клиника. Директорката Милена Стевановиќ вели дека кај нив се лекува уште еден пациент заразен со корона кој претходно целосно бил имунизиран, но и неговата здравствена состојба била подобрена.

Според лекарите, очекувано било и целосно имунизирани да развијат посериозни симптоми на болеста. Појаснуваат дека вакцината не нуди целосна заштита, ама значително ги намалувала шансите за сериозен развој на болеста. Во споредба со процентот на вакцинирани, случајот со велешанката можел да се смета како реткост.

„Се работи за случај кој имал наод на плуќа, во основа тоа значи, налик на бронхомневмонија и очекувано е дури кај некои да се развие и таква клиничка форма без разлика на тоа дали била вакцинирана или не била вакцинирана. Многу почесто ќе се јави ваквиот проблем кај оние што се вакцинирани. Кога ќе го земеме овој случај кој вчера беше обелоденет, како случај на вакцинирана жена која е хоспитализирана, треба да земеме во предвид дека 330 илјади луѓе се целосно вакцинирани со прва и со втора доза во државата и ова е првиот случај на хоспитализација кој што вака го регистрираме и споредете ги тие бројки на овој индивидуален случај со генералните бројки кај што имате 329 999 луѓе кои не се хоспитализирани и кои имале, некои од нив, полесна клиничка слика, а некои воопшто не се инфицирале, тогаш ќе видите колкава е споредбата на ефикасноста на вакцините во одонос на нејзината неефикасност кога ќе дојде до вакви спорадични случаи на хоспиталзација,“ вели Злате Мехмедовиќ, лекар.

Мехмедовиќ не очекува случајот од Велес да го намали интересот за вакцинација. Смета дека со објавување на бројот на заразени и по втора доза, се посочува на ефикасноста на вакцините.

„Најголемиот дел, односно 329 999 граѓани кои се вакцинирани со две дози на вакцина не биле хоспитализирани. Ако во таа насока ја водиме кампањата на објаснување споредено низ бројки, низ она што е опипливо, што може да го видиме как ефикасност од она што се аплицира вакцината, тогаш мислам дека нема да имаме проблем  во убедувањето на граѓаните во ефикасноста на вакцината“.

Според податоците на Министерството за здравство, од вкупниот број имунизирани со две дози, досега 96мина се заразиле со ковид, а 13 од нив биле хоспитализирани во болница.