Македонија
26. February 2021 - 16:38

ССНМ со силна осуда за нападите врз новинарите и медиумските работници

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудува нападите врз новинарите и медиумските работници кои се случија денеска за време на протестите против пресудите за случајот „Монструм“.

-Во текот на протестите од страна на демонстрантите физички била нападната новинарска екипа на новинската агенција МИА, при што имало и обиди за одземање на опремата за снимање. За среќа нападнатите медиумски работници се извлекле без посериозни повреди. Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице, наведува Синдикатот.

ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво и бара остра и ефективна реакција во изнаоѓање и казнување на полицските службеници кои го оневозможиле новинарот на Слободен печат да си ја извршува својата работна задача. Воедно бара од надлежните државни органи да ги пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА.

-ССНМ силно протестира против ваквите инциденти бидејќи напад врз новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, стои во соопштението од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.