Македонија
31. May 2023 - 16:30

Средните стручни училишта ги отворија вратите за нови ученици

Во недостиг на работна рака во скоро сите сфери дуалните паралелки со повеќе практична работа и занаетите се изборот на деветтоделенците за средно училиште, затоа што веднаш после тоа можат да најдат работа. Такви се дрварско-техничката струка, текстилно-кожарската, козметичарите и фризерите.

„Мебелот е дел од секојдневието, седиме на него, јадеме, работиме и мислам дека е доста перспективно и дефицитарно“, истакна Марија Јованоска, професор по стручни предмети во дрварско-преработувачка струка.

„Секој ученик кој ќе се запиши во оваа струка има можност да го разбуди својот талент преку цртање, креирање на модели, конструкција и на крај готов производ“, додаде Наташа Мирческа, професор во текстулно-кожарска струка.

„Буквално излегуваат како стручњаци после образованието. Се едуцираат за многу, многу работи во поглед на нега и убавина“, истакна Ивана Стојческа Димеска, професор по козметика.

Интересно е да се потенцира и тоа дека Прилеп иако има над 30 концесии за рудници во рударската струка се запишуваат многу малку, иако веднаш по завршувањето им се нуди работа и висока плата.

„Во денешно време сето е механизирано, додека нивното мислење е спротивно дека во рудниците се работи физичка работа. Имаме рударски машини кои работниците само ги управуваат, а не со физичка работа. Се изработуваат геолошки карти, се истражуваат минерали“, кажа Мартин Петрески, професор по стручни предмети во рударството.

Медицинските профили се скогаш атрактивни, за но дел се запишуваат таму за да потоа заминат во странство.

„Својата иднина ја гледам сигурно не овде, но во областа на оваа професија да, некаде подалеку.

Зошто не во Македонија?

Затоа што Македонија не ни нуди толку работа, нема толку работни места, исто така и плата“, изјави Минела Шкриељ, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“.

Доста атрактивни се и правниот и економските смерови.

„Покрај теоретското знаење нашиот смер нуди практична настава која се одвива во вистински компании и која ни нуди по 3.500 денари месечна стипендија“, рече Валерија Здравева, ученичка во дуалната паралелка економски техничар.

„Ние одиме и на практична настава кај адвокати, извршители, нотари, во институции и во Основниот суд во Прилеп“, кажа Антонија Трајчева, ученичка во профилот правен техничар.

Во јуни ќе започнат уписите и борбата секое училиште да запише што е можно повеќе ученици.