Македонија
7. October 2015 - 17:21

Средба Милошоски-Балја

Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски денеска имаше средба со својата колешка од косовскиот Парламент Дуда Балја. 

- Разговаравме за билатералната соработка и како две соседни држави, но пред се, како два Парламенти. Ова е нејзина прва официјална посета на ниво на потпретседател на косовското Собрание. Сакаме овој начин на комуникација и размена на што повеќе пратенички групи од Македонија и од Косово да имаат меѓусебни посети, рече Милошоски.

Република Македонија, рече потпретседателот на Собранието, има голем интерес за трговскиот, за економскиот, за политичкиот и билатералниот развој на односите со Косово.

- Особено сме заинтересирани за што поголема соработка во културата и образованието и давање на што поголеми шанси на луѓето од Горанскиот регион да си го пронајдат својот културен, економски и образовен интерес во двете држави, изјави Милошоски.

Двајцата соговорници размениле мислења за приоритетите на двете држави.

- Косово работи на еден свој приоритет, а тоа е визната либерализација и се надеваме дека тука ќе можеме да споделиме некои корисни искуства во овој процес, рече Милошоски.

Разменети биле и мислења за актуелните политички состојби во двете земји.

- Двајцата цениме дека потребата и местото на опозицијата е во парламентите, изјави Милошоски.      

Дуда Балја, освен што е потпретседател на косовскиот Парламент таа е и претседател на групата за Македонско-косовско пријателство, а истовремено претставник на десет малциски заедници во косовското Собрание.    

Потпретседателката на косовскиот Парламент Балја истакна дека на средбата станало збор за актуелни теми во Македонија и во Косово.

- Фасцинантно е тоа што секогаш кога ќе дојдам во Македонија гледам огромен број косовски таблици. Сите знаеме дека движењето на граѓаните од Македонија и Косово е многу големо, рече Балја.  

Македонија за Косово е многу важна, бидејќи се соседни држави.

- Имамо желба што поскоро политички да успееме граѓаните од едната и од другата земја границата да ја минуваат со лични карти, да отвориме некои гранични премини за кои сметаме дека ќе бидат од стратешка важност за односите меѓу Македонија и Косово. Се надевам дека соработката меѓу Косово и Македонија е особено важно, изјави Балја.