Македонија
28. September 2021 - 12:22

Средба Ангеловска-Бежоска – Бас: Побрзо надминување на кризата преку вложување во дигитализацијата и човечкиот капитал

Стимулирањето на продуктивноста и зајакнувањето на отпорноста на економијата, се одговорот за побрзо надминување на последиците коишто пандемијата ги нанесе на економијата. Повисока продуктивност може да се постигне преку инвестиции во човечки капитал, иновации и технолошки прогрес, што пак, ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и советникот за политички прашања во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Џерек Бас.

Користењето на придобивките од дигитализацијата, усвојувањето на нови производи и процеси, му овозможуваат на приватниот сектор побрзо да одговори на потребите кои ги наметнува новата состојба. Оттаму, беше посочено на средбата, вложувањето во новите технологии, со паралелно инвестирање во човечкиот потенцијал – подобрување на квалификациите и креирање на нови вештини, се начин за враќање на економиите во позитивната зона, а потоа и на патеката на одржлив економски раст, информира Народната банка.

На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на ефектот од пандемијата врз домашната економија, којашто минатата година забележа пад од 4,5, проценти, слично на просечниот пад во земјите од регионот. Притоа таа посочи дека без интервенцијата на монетарната и фискалната политика, падот на економската активност веројатно би бил поголем. Во однос на централната банка, посочуваат од НБ, беше укажано дека уште од почетокот на кризата, монетарната политика беше релаксирана, а воедно беа преземени мерки со кои се овозможи регулаторна флексибилност и привремено олеснување на финансискиот товар на приватниот сектор. Ваквите мерки озвозможија зголемување на ликвидноста во економијата, полесен  пристап до финансирање и поддршка на економската активност. Имено беше посочено дека кредитната активност континуирано расте, а воедно се намалува и цената на кредитирањето. Овие движења на кредитниот пазар се поддржани и од стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, што се огледа од неговите добри перформанси и ниската стапка на нефункционални кредити.

Во вакви околности, како и во услови на подобрување на епидемиолошката состојба и стабилизирање на довербата, истакнува НБ, беше констатирано дека домашната економија постепено закрепнува. Во првата половина од годината остварен е раст на бруто-домашниот производ од 5,2 проценти, што речиси се совпаѓа со проекциите на Народната банка за овој период (5,4 проценти).

-Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашањето за инфлацијата, при што беше истакнато дека во глобални рамки, се забележува забрзување на инфлацијата под влијание на растот на цените на примарните производи и привремени фактори предузвикани од пандемијата Стабилизирање на растот на цените се очекува веќе во текот на следната година, а движењата постојано и внимателно се следат, стои во информацијата од Народната банка.