Македонија
12. јуни 2021 - 20:44

Спречен обид за криумчарење на 62 мигранти

Полицијата спречи нов обид за криумчарење мигранти. Двајца српски државјани се обиделе нелегално да превезат  62 лица. Мигрантите биле сместени во камион марка МАН со српски национални ознаки. Криумчарите на возраст од 33 и 37 години биле од откриени на автопатот А1 во близина на тунелите Јаворица од страна од мешаните полициски патроли во кои освен македонските  биле и полициски службеници од Р.Словенија.

Поради сомневање дека го сториле кривичното дело криумчарење мигранти и возачот и совозачот се лишени од слобода. Тие се приведени во гевгелиската полиција за понатамошна постапка, а  по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок. Мигрантите ќе бидат сместени во прифатниот транзитен центар Винојуг - Гевгелија за понатамошна постапка.

Со подобрувањето на временските услови се зголемија и обидите како за нелегален влез во државата така и за криумчарење мигранти. Но,  од полицијата информираат дека тие се максимално  подготвено да одговорат на секој предизвик. Од минатата година МВР има и посебна оперативна акција која  се занимава исклучиво со спречувањето на илегалната миграција.

Само пред една недела за 24 часа беа откриени  неколку групи со вкупно 130 лица кои преку дивите премини на Беласица имале намера нелегално да транзитираат низа нашата држава. На почетокот од овој месец полицијата сузби организирана група која се занимавала за криумчарење а за трансферот на мигрантите наплаќала од 500 до 700 евра по лице.