Македонија
14. July 2020 - 16:51

Социјалните мрежи мегдан за прекршување на предизборниот молк

Јавното обвинителство ги следи сите написи на социјалните мрежи поврзани со изборниот процес, но досега нема оформено ниту еден предмет за прекршување на изборниот молк. Оттаму информираат дека  посебна комсија јавни обвинители е континуирано на терен, а сите индиции за сторени кривични дела поврзани со изброите се работат итно и со приоритет.

Јавните обвинители целосно се посветени на борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, преку придонес кон нивно сузбивање и превенирање. Воедно ги повикуваме граѓаните, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборниот процес, се вели во соопштенито од ова утро.

Текот на гласањето утре ќе го следи и народниот правобранител. Во периодот од 7 наутро до 21 часот на телефонскиот број 0800- 54321 сите граѓани ќе можат да пријават повреда на избирачкото право.

За оваа цел ќе бидат отворени и 7 канцеларии низ целата држава. Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано и апрелира до сите учесници во избирчакиот процес да ги почитуваат пропишаните здравствени протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и безбедно гласање.