Македонија
26. October 2020 - 16:43

Собранието утре ќе расправа за законските измени за Ковид-19

Специјалната државна Комисија што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ за справување со КОВИД пандемијата уште минатата недела, но која беше одбиена од власта, станува предлог на целата парламентарна опозиција.

Зад законските измени за заштита на населнието од заразни болести освен потписи на пратеници со ВМРО-ДПМНЕ, ќе стојат и потписи на Алијанса и Алтернатива, како и на Левица, брифираат од партијата на Мицкоски. Измените на законот со кои ВМРО-ДПМНЕ бара не владата туку експертско тело да носи задолжителни антикорона мерки се очекува до утре да бидат поднесени во парламентот.

Според опозицискиот предлог,  Комисијата треба да брои 11 члена од кои министерот за здравство и директорот на центарот за управување со кризи се членови по функција, а останатите се епидемиолози, инфектолози, имунолози, интернисти, микробиолози. Оваа Комисија треба да ја избере Собранието по предлог на Владата и има мандат само во услови на некоја здравствена криза.

„Утре пак, во Собранието треба на седница да се најдат и владините измени во Законот за заштита на населнието од заразни болести чие донесување се одоговлечи веќе неколку денови поради немање кворум или пак, неусогласеност со опозицијата“.

Во овие измени е можноста пациенти од корона да примаат и праватни болници доколку државните капацитети се исполнети и доколку за тоа дозвола добијат од министерството за здравство. Тука се и одредбите кои се однесуваат само на заголемување на инспекциските надлжности. Според законските измени на власта, пазарниот инсекторат освен парични казни, ќе можат да изречат и привремена забрана за работа на објектот од 10 до 30 дена.

Останатите здравстевни мерки, како забрана за групирање на отворено, задолжително носење на маска на отворено и слично, според информациите на Сител, ќе бидат вметнати во измените преку 5 амандмани што ги подготвува пратеничката група на СДСМ.

Потребата за носење на владините законски измени се очекува да помине утре благодарение на кворумот што во салата ќе го обезбеди опозицијата. Потоа следува комисиската расправа која треба да почне утре или задутре.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека ќе гласаат воздржано за предлозите на власта и нема да имаат имаат амандмани за да не бидат, како што велат, обвинети дека го кочат носењето на мерките за заштита од корона.