Македонија
5. May 2021 - 14:41

Собранието продолжува со работа утре

Собранието на Република Македонија во рамки на 39. седница денеска го избра Андреј Тасев за член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, а беа донесени и повеќе одлуки за распишување јавни конкурси меѓу кои и за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и за  именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија.

Пратениците на седницата ги донесоа и одлуките за распишување јавен оглас за избор на здруженија од областа на човековите права, полициското право и правосудството, одлуката за објавување јавен оглас за именување член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, јавен оглас за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и одлуката за објавување јавен оглас за назначување на претседател и членови на Советот за граѓански надзор и за објавување јавен оглас за именување на член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Беа усвоени и Законот за ратификација на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот Договор за безбедност на информации, потоа Програмата за изменување на Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2021-2025 година, како и измените на Законот за данокот на добивка, Предлог на закон за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк  и измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, сите три во прво читање, кои се даден на натамошна постапка.

Беше усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID -19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, по скратена постапка, измените и дополнувањата на Законот за управна инспекција, исто по скратена постапка.

За сите закони што денеска беа усвоени гласаа и пратениците од опозицијата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави продолжение на работата на Парламентот за утре, а дополнително ќе информира по кои седници ќе се работи.

Претходно пратениците денеска во рамки на продолжението на 30-тата и 34-та седница изгласаа четириесетина закони за коишто расправата беше завршена претходно. На 30-та седница не се изгласани само два закона и тоа Предлог на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, во прво читање.

На 39. седница останати точки на дневен ред се Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка, како и за Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор КОВИД-19 одговор на Македонија – Развојната банка на Македонија АД Скопје, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Македонија АД Скопје по скратена постапка. На дневен ред се и други закони.