Македонија
15. December 2017 - 14:46

Собранието ја заврши расправата за нов јавен обвинител, ќе гласа на 22 декември

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 22. седница ја заврши расправата по владиниот предлог Љубомир Јовески да биде нов државен јавен обвинител, а гласањето претседателот на законодавниот дом Талат Џафери го закажа за 22-ри овој месец, пред одржување на седницата за буџетот за 2018 годиона. 

Во денешната дебата по предлогот Јовески да биде избран за нов државен јавен обвинител, не присуствуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за што жалење изразија пратениците од владејачкото мнозинсство посочувајќи дека за ова прашање е потребна дебата. Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на седницата присуствуваше само Амди Бајрам од Сојузот на Ромите.

Според мнозинството, новиот државен јавен обвинител можеби ќе ја има најтешката задача да ја издигне руинираната инститиуција и да спроведе реформи.

- Овој државен јавен обвинител можеби ќе ја има најтешката задача по она наследство што му го остави претходниот јавен обвинител и руинираното обвинтиелство кое е неопходно да се реформира.Тој треба да покаже и докаже дека законот и правдата мора да важат подеднакво за сите. Исправен е пред сериозен тест. Тој треба да ги покрене процесите, а сите ние да го следиме и да го критикуваме кога ќе застрани од патот на правото и правната држава, рече пратеничката Фросина Ташевска-Ременски од СДСМ.

Томислав Тунтев изрази жалење што опозицијата не е присутна и потенцира дека со оглед на тоа што претходно таа не кажала ништо против Јовески, очекува да има општ консензус при неговиот избор.

- На новата извршна власт во РМ и на закноодавната власт не и е местото да носи одлуки, ставови, коментари во однос на работите на судската власт. Нема мешање на властите кои се строго определени. Во изминтиот период беа злоупотребувани и целата политичка криза произлезе од тоа. Како парламентарно мнозинство сметаме дека најдоброто решение е човекот што цел живот се држел до словото на законот. Ние ќе го извршиме вистинскиот избор. Денес ги поставуваме правилата. Со овие реформи во обвинтиелството ја враќаме правната држава. Тоа ни е основната цел на сите и затоа јас ја повикувам опозицијата да го потврди она за што сметаме дека имаме консензус дека Јовески е вистинскиот предлог за нов државен јавен обвинител, рече Тунтев.

Тој истакна дека СДСМ, како носител на процесот на реформи во правосудството, за две години ќе предложи јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата, откако ќе заврши процесот на одговорност.

Артан Груби од ДУИ посочи дека ќе дадат поддршка на предлогот и истакна дека ДУИ очекува од Јовески да изгради објективно Јавно обвинителство кое ќе ужива доверба кај граѓаните согласно законите, а не „согласно тефтерот“.

Очекуваат од јавниот обвинтиел да постапува согласно меѓународни стандарди, објективно, според законот, а не со двојни аршини, како и одговорен пристап кон случаите „Сопот“, „Монструм“ и „Дива населба“.

Џеват Адеми од ДУИ потенцира дека во Македонија дефинитивно ќе треба да владее правото.

- Улогата на јавниот обвинител е одлучувачко. Се надевам дека правник пред пензија ќе има определба да оди со дигната глава, со криминалци во затвор и со држава каде ќе владее правото, истакна Адеми, кој изрази сомнеж во однос на возраста на предложениот кандидат и колку ќе успее да ги спроведе реформите.

За Фадил Зендели од Беса изборот на нов јавен обвинител е реформа која ќе придонесе кон правна држава, барајќи да добие информации дали Јовески бил дел од судиите вклучени во афера од 90-тите години.

Поддршка на предлогот даде и Алијансата за Албанците. Сураја Рушиди потенцира дека е потребно да се изгради правосуден систем кој ќе биде независен. Посочи дека како што ја даваат поддршка, така може и да ја одземат.

Вадата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

На огласот што го распиша Владата на 14 септември, за државен јавен обвинител се пријавија 23-ца кандидати. По пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, на барање на Владата, и достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите. Мислењето на Советот е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во областа на извршување на кривичните санкции.

Јовески во 1979 година станува приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.