Бизнис
16. January 2017 - 9:07

Снегот ќе ги заштити есенските посеви од студ

Формираната снежна покривка во Македонија ќе ги заштити есенските посеви од ниските температури, велат агрометеоролозите. 

Според нив, издржливоста на посевите во вакви услови е многу поголема.

УХМР најавува постудено време во наредните денови. Подолгото задржување на ниските температури, нагласуваат експертите, може да предизвика  измрзнување кај младите лозја и овошки, посебно долж Повардарието и во Малешевијата. Посебно ризичен беше поларниот студ изминатата недела кога во житородните региони Битола и Штип беа измерени -24,6  и -20,6 степени. 

- Минималните температури изминатиот период, од -10 во Гевгелија до -28 во Берово и -16,6 во Демир Капија, укажуваат на опасност од делумно измрзнување на родните окца кај виновата лоза, особено кај младите насади. Слична е состојбата и со овошните насади во Малешевијата каде температурите беа повисоки од -28 степени, а издржливоста на коскестите видови е од -25 до -35, особено кај младите насади кои имаат поголемо количество сокови во стеблото и гранките и се поподложни на измрзнување, оценуваат агрометеоролозите.

Евентуалните штети од измрзнување во овој момент не може да се констатираат се додека не почне пролетното кроење кога не е исклучено и да се корeгираат одредени состојби.