Македонија
17. јуни 2021 - 16:46

Следната недела ќе стасаат 600.000 Синовак вакцини

Нова најава од здравствените власти за враќање на масовната имунизација во земјата. Министерот Филипче во изјава за Сител вели дека на крајот од идната ќе стигнат 600 000 вакцини – Предвидените количини одКовакс механизмот и долгоочекуваните 500 000 од Синовак преку директниот договор. Ако вчера и изминатите денови бројките покажуваат едвај по 4 до 5 000 аплицирани дози дневно, надлежните уверуваат дека кон крајот на јуни повторно ќе има од 10 до 15 000 вакцинирани во едно деноноќие.

-Најавено е на крајот на идната недела да ги добиеме 100 000 дози Фајзер од Ковакс и 500 000 од Синовак. Ќе се врати редовното темпо на имунизација. Сите пријавени на сајтот а остани се околу 180 000 ќе добијат порака за имунизација, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Изминатите денови граѓани реагираа дека иако пријавени уште на почетокот на вакцинација.мк не добиле порака и ги советувале повторно да аплицираат. Оние на кои не им се чека заштита добија кај соседите каде вакцини досега примиле повеќе од 20 000 Македонци.

Ако интересот во земјата понатаму е слаб, Филипче најавува нов начин на имунизација.

-Доколку интересот е слаб подготвуваме теренска имунизација, вели Филипче.

Надлежните тврдат дека како и досега и во иднина имунизацијата ќе продолжи во постоечките пунктови.

Досега спроед статистиката, целосна заштита од вирусот имаат околу 10 проценти од населението или со две дози се нешто повеќе од 197 000 граѓани.