Македонија
4. October 2022 - 16:46

Скопје Север го пушти парното, владата преговара со Адора за да ги стопли скопјани

И покрај тоа што е во стечај, „Скопје Север“ прва го вклучи парното во Скопје. 500 домаќинства во Бутел и Чаир добија греење, откако РКЕ испратила известување до топланата да започне со испорака на топлинска енергија поради ниските температури. Најголемиот дел од корисниците се веќе исклучени од оваа мрежа, но останатите се задоволни од ваквата постапка.

Директорот Рамадани за Сител вели дека парно има и ќе има, но цената за гасот е премногу висока. Побара државата да помогне со субвенции, бидејќи нема да можат долго време да работат со загуби.

„Ние купуваме гас по 125 денари, а продаваме за 65, што го прави нашиот систем и друштво неодржливи. Се надевам дека наредните денови нема да имаме проблем и за тоа време Владата ќе најде некое решение да излезе во пресрет на Скопје Север и сите други топлани.“ – Куштрим Рамадани, директор на „Скопје Север“

Корисниците на „Скопје Север“ скоро половина година не плаќаат парно, поради тоа што немаат добиено фактури, бидејќи компнијата останала без системот за наплата кога биле преземени другите две топлани. Но, според Рамадани тоа нема удел во финансиската загуба на системот. Овој месец граѓаните би требало да добијат сметки, без камата.

„За месеците трети и четврти направивме рачно фактури, но таму има проблем што не се сите податоци внатре па за да не направиме некоја голема грешка, чекавме да го воспоставиме системот за да можеме да изготвиме точни фактури, долгови, камати и слично.“

Остатокот од Скопје денеска немаше топлинска енергија. ЕСМ и Адора продолжуваат да преговараат за топланите Исток и Запад, па од тие причини сопственикот Чифлиганец денеска беше повикан на маратонски преговори во Владата. Овие топлани треба да загреат околу 60 илјади домаќинства. За нив се уште не е обезбеден ниту гас.

Законoт пропишува дека грејната сезона може да започне од 1 октомври доколку температурата е еднаква или помала од 12 степени, според УХМР.

Конечната одлука ја носи РКЕ, но оттаму денеска не одговорија дали испратиле известување за испорака на топлинска енергија и до останатите топлани.