Македонија
31. January 2023 - 16:34

Скок од две места но се уште загрижувачко ниво на корупција според извештајот на Транспаренси

Загрижувачко е нивото на корупција во земјава. Ова е оценката на „Транспаренси интернешнл“ која Македонија ја рангираше на 85то место според индексот за перцепција на корупцијата во светот. Државата се најде во друштво со Гана, Индија, Тунис и Суринам кои добија по 40 поени. Од  „Транспаренси“ велат, долга е листата на причини за таквиот резултат - збунувачкиот избор на Абази, оставката на Црвенковска, пасошот за Онишченко.

„Нашиот најголем проблем е што сите оиве ситуации, преќутно поминуваат, не сакаме да расчистиме кој тоа врши влијание  и на кој начин. Така што, мислам дека сите овие елементи се многу битни кои укажуваат дека се уште не правиме ништо за да обезбедиме интегритет во работата на правосудните органи.“

Иако годинава земјава покажала подобар резулатат од лани, во извештајот се забележува дека е недоволна борбата со корупцијата. Тоа неодмана го посочија и дел од амбасадите во земјава. Според Тасева, освен правосудните органи, клучна улога за справување со корупцијата има и владата.

„Секое сомневање дека постои можност за влијание, корумпирање при носење на определени одлуки е нешто што може да се проверува преку институциите во Владата. Има институции кои се занимаваат со истраги на финансиски криминал, со следење на текот на парите, имотните состојби“, вели Тасева.

Подобра позиција за земјава и намалување на корупцијата, владата гледа во преговорите за ЕУ и меѓусебното поврзување на правосудните институции.

„Владата е стопроцентно транспарентна институција. Ако погледнете во Министерството за внатрешни работи веќе се работат 120 случаи со коруптивна основа и тоа практично е причината за подигнувањето на нивото во државата во рангирањето. Пред нас секако има работа“, изјави Димитар Ковачевски, премиер.

Последниот извештај за перцепција на корупцијата според опозицијата е брука за актуелната влада. Главни виновници партијата гледа во првите луѓе на владејачката коалиција.

Речиси сите држави од регионот се подобро рангирани од земјава. Пониско ниво на корупција е забележано во Косово, Бугарија, Црна Гора. Полош резулат имаат Србија, Албанија, Босна и Херцеговина.