Свет
4. February 2017 - 13:45

Скај: Членките на ЕУ не ја сакаат Велика Британија како врска со Трамп

Земјите членки на ЕУ не сакаат Велика Британија, која се подготвува да излезе од Унијата, да биде нивна врска со САД и со новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, констатира британската телевизија Скај, по вчерашниот Самит на ЕУ во Ла Валета.

Според оваа телевизија, британската премиерка Тереза Меј, која присуствуваше на почетокот од Самитот, на своите се уште актуелни европски партнери се обиде да им ја понуди новата стратегија на Даунинг стрит 10, според која, откако ќе ја напушти Унијата, Велика Британија би станала врска меѓу Брисел и Вашингтон, но во тоа доживеа целосен неуспех.

- Мостот што го најави Меј за по Брегзит, се урна уште пред да биде подигнат, забележува Скај.

Оваа стратегија за „пост-Брегзит Британија“ се смета дека е единствената алтернатива Лондон да остане „некаков играч“ на европската политичка сцена и да гради влијание во светот.

По разговорите на Меј со Трамп во Белата куќа минатиот петок, британската страна се обидува да ги реафирмира „специјалните врски“ на Велика Британија со САД, кои никогаш и од никого не биле напуштени, како и да ги увери европските сојузници дека Трамп е „100 отсто за НАТО“ и покрај неговите јавно изразени сомнежи околу иднината на Алијансата.

Членките на ЕУ на Самитот во Малта, меѓутоа, останале крајно недоверливи кон уверувањата на Меј дека новиот американски претседател, сега, мисли за НАТО поинаку од она што го зборуваше во изборната камања.

Европските лидери, засега, не му веруваат на Трамп, кој и не крие дека не ја сака ЕУ и заговара директни врски меѓу државите и го обвинуваат дека за Унијата размислува исто како и рускиот претседател Владимир Путин - за нејзино растурање, засилувајќи ги притисоците на Москва кон источноевропските членки на ЕУ, сите пранешни советски „сателити“, кои засега најмногу се насочени кон Унгарија, Словачка и Чешка.

Литванската претседателка Далиа Грибаускаите на Тереза Меј во Ла Валета и порача дека на ЕУ не и треба мост за САД, затоа што сега комуницираат преку Твитер.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск претходно го обвини претседателот на САД дека преставува најголема закана за ЕУ, заедно со руското мешање во европските работи и со нестабилноста на Блискиот Исток.

Полска и трите балтички земји се најостри кон политиката на Москва, која ја сметаат за закана за својата безбедност, па затоа и не ги одобруваат најавите на Трамп за помирување со Путин.

Лидерот на социјалистичкиот блок во Европскит Парламент, Џани Питела јавно го обвни Вашингтон дека ја користи Велика Британија како „тројански коњ“, подржувајќи го Брегзит со цел да се растури ЕУ.

Според Скај, дури и да омекнат односите меѓу ЕУ и САД по средбите што Трамп во јули ќе ги има на Самитот на Г20 во Германија, нема шанси Велика Британија, која антиевропските медиуми ја прикажуваат како „конечно слободна од ЕУ“, да биде посредник на Унијата во односите со САД, без разлика каков ќе биде договрот на Брисел и Лондон за Брегзит.