Македонија
8. May 2021 - 19:39

Синдикатите на полицијата излегоа на протест - бараат нов колективен договор

Независниот полициски синдикат при КСОМ и полицискиот синдикат при КСС излегоа на протест пред Владата. Иако разединети, и едните и другите најстапија со исти барања.

Главното барање на полициските службеници е покачување на платите и исплата на додаток за борба против коронавирусот, како и нов колективен договор. Обвинуваат и за незаконски распоредувања во МВР и мобинг врз вработените.

Ќе останат на улица, се додека надлежните не ги исполнат нивните барања.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека работат на нов колективен договор, а на маса се разгледуваат сите предлози.

- Работната група формирана во Министерството за внатрешни работи веќе работи на новиот колективен договор и во моментов се разгледуваат и се земаат предвид сите доспеани предлози, при што ќе бидат прифатени сите оние кои се оправдани и кои ќе доведат до подобрување на положбата на вработените во оваа институција. За МВР е посебно важно да се направи квалитетен колективен договор кој ќе претставува реална рамка за остварување на работничките права, велат од министерството.

Гласни во своите барања за почитување на работничките права беа и други претставници на синдикални организации.

Претходно од независниот полициски синдикат реагираа дека МВР не сака да го усвои колективниот договор кој овој синдикат го подготвил уште пред 3 години, а кој според нив е поблиску до европските вредности отколку документот на МВР. Последниот колективен договор беше потпишан во 2015 година меѓу тогашната министерка Јанкуловска и Македонскиот полициски синдикат.