Македонија
11. April 2021 - 16:32

Што содржи програмата за учење за идните првачиња?

МОН ја усвои наставната програма за прво одделение од новата концепција за образование. Првачињата од септември ќе учат по нови програми, објавени се темите кои ќе се обработуваат по секој предмет, како ќе се реализираат часовите.

Темите по предметот македонски јазик се поделени во 4 точки 1. Слушање и зборување 2. Почетно читање и пишување 3. Литература, изразување и творење 4. Медиумска писменост и медиумска култура. Македонски ќе имаат по 5 часа неделно вкупно 180 часа годишно.

По предметот општество ќе ги изучуваат темите : • Јас сум дете• Јас сум ученик• Мојот дом • Местото во кое живеам. Секоја недела по еден час општество, вкупно 36 годишно.

Математика ќе имаат 5 часа неделно, вкупно 180 годишно исто како и македонски. По математика ќе се изучува • Геометрија• Броеви и броење• Операции со броеви• Мерење• Работа со податоци.

По предметот природа ќе се изучува човекот и човечкото тело, живи суштества, материјали, сили и движење, звук а неделно ќе имаат по два часа од овој предмет. По два часа ќе учат англиски, ликовно 1 и физичко по три часа неделно.

Наставникот ќе треба да користи разни фотографии, предмети, преку покажување, истражување и објаснување на различни поими учениците да го совладаат материјалот.

- На овој начин, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци. За начинот на примена на новите наставни програми за прво одделение ќе се организираат обуки за наставниците, преку три модули во текот на мај, јуни и август.

Секогаш кога е можно наставникот треба да користи интеграција на темите/ содржините/ поимите при планирањето и реализацијата на наставата да ги поврзат со знаењата од различни области во една целина.

Новата концепција од МОН велат дека се темели на родовата еднаквост, инклузивност и мултикултурализмот, заштита на животната средина и почитување и заштита на правата.Според ова наставникот треба еднакво да ги третира и момчињата и девојчињата и да води грижа да не им доделува родово стереотипни улоги.

Во новата програма не е предвидено како ќе се одвива наставата доколку треба да продолжи онлајн.

Согласно планот, новиот концепт треба да се примени во прво но и 4 одделение, но за нив се уште не се донесени наставните програми. Од МОН информираат дека работните групи продолжуваат со креирање на програмите за другите одделенија. Во тимовите учествувале советници од БРО, универзитетски професори, наставници од основно кои биле избрани преку јавен оглас.