Македонија
18. јуни 2021 - 16:54

Што содржи новиот предлог на Владата доставен до Софија?

Пет варијанти за евентуален компромис меѓу Софија и Скопје понудил премиерот Зоран Заев на бугарскиот технички премиер Јанев, од кои во едната било понудено и решение за јазикот, тврди бугарскиот весник „24 часа“ повикуваќи се на владини извори.

- Среде нив, имало и формулација за јазичниот спор, која гласела дека Бугарите и Македонците истовремено говорат на ист јазик, но и на различни, кои меѓународни се признати како посебни. Се предвидувала и Декларација дека двата народи се братски, пишува бугарскиот весник при тоа објаснувајќи дека оваа Декларација ќе вклучува и уставни измени за вметнување на Бугарите како државотворен народ, како Македонците, Албанците, Србите и Ромите.

И бугарски „Труд“ излегува со детали од предлогот на Заев кој бил понуден во форма на нов патоказ.

 „На неговата средба со техничкиот премиер Стефан Јанев, Заев ветил дека ако на средбата во Брисел на 22 јуни го поддржиме почетокот на преговорите со РСМ, потоа тие ќе ги направат неопходните компромиси за спорните историски теми. Заев истакна дека очекува нов поттик во работата на заедничката историска комисија. Вториот предлог, кој премиерот на РС Македонија го ставил на преговарачката маса, било забрзување на железничкиот проект Гуешево-Скопје“, објави „Труд“.

Од македонската влада ги демантираат ваквите информации околу предлогот на Заев На средбите со Софија кои ги сметаат за позитивни.

Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија за што добра основа е португалскиот предлог. Решенијата мора да водат грижа за двете страни односно да ги адресираат прашањата кои се важни и за МК и за БГ. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса. Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија кои се споделуваат низ дел од медиумите, одговараат од Владата.

Од кабинетот на Заев, сепак, не одговараат во што се состоел предлогот  и во кој дел: јазикот, спорните историски факти или инфраструктурата.

За опозицијата, предлозите од бугарските медиуми се доказ дека Заев сепак преговара за посебноста на македонскиот јазик.

- Ова значи дека Заев ги потврдува бугарските тези дека се до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, македонскиот јазик бил форма или дијалект на бугарскиот јазик, што е апсолутно неточно. Ваквото тврдење е негирање на историскиот континуитет на македонскиот јазик. Четврток, Заев на овој начин покажува дека во преговорите врши национално предавство по теркот на Преспа. Укажуваме дека доколку Заев прифати вакво решение или формулација, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го прифати и ќе го напушти договорот, рече Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ

ОД СДСМ пак, коментираат дека државните позиции се определени со Договорот за добрососедство.

- Врз основа на содржината во тој договор се одвиваат и преговорите и изнаоѓањето на решенијата за ова отворено прашање коешто трае долги години.  Она што опозицијата треба прво да каже е од кој тие дипломатски извори излегуваат со толку информации којшто можат навистина да наштетат на процесот.  Опозицијата не е заинтересирана за ништо, опозицијата е заинтересирана само да наштети на процесот и секако да го блокира, вели Боганка Кузевска, СДСМ

Премиерот Заев вчера во Софија имаше средби со Јанев и Радев, но и со лидерите на ГЕРБ Борисов и на БСП Нинова во обид да се тргне бугарското вето на ЕУ самитот закажан во четврток. Пред средбите, од бугарското МНР излегоа со став дека сепак, ветото останува.