Македонија
13. August 2022 - 16:38

Што доби Македонија 21 година по Рамковниот договор

Рамковниот договор донесе мир, но не можеше да го предвиди криминалот во кој ДУИ се дави во последните 20 години. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека денешната прослава на Рамковниот договор е приватна забава со која Ахмети и Груби си градат позиции во пресрет на локалните избори во Тетово идната недела.  Велат дека и покрај потрошените стотици илјади евра, денешната прослава како своја не ја чувствуваат ниту Македонците, ниту Албанците

Во СДСМ денеска не одговорија на прашањето на Сител дали сметаат дека е оправдано во пресрет на најтешката зима и во екот на најсилниот инфлациски удар, да се трошат стотици илјади евра за прослави. Нема одговор ниту на прашањето дали оваа прослава ќе придонесе за подобри меѓуетнички односи. Наместо тоа, од партијата во писмено соопштение порачаа дека 21 година по Рамковниот договор, во Македонија веќе нема поделби а институциите биле насочени кон напредокот на сите граѓани.

„Охридскиот рамковен договор е важен документ, неиздвоив дел од историјата на државата, договор, кој донесе мир, правична застапеност на заедниците во општестениот живот, соживот во мултиетничкиот карактер на македонското општество.
Тој е патоказот кон стабилната иднина, документ кој ги отвори вратите кон евроинтеграциите на државата и пример за надминување на поделбите.“ – велат од СДСМ

Без коментар за трошоците за прославата остана и ДУИ. Вицепремиерот Груби во писмено обраќање порача дека Охридскиот договор е темел на сите демократски достигнувања на Македонија

„На овој голем ден за историјата на земјата, доволно е да размислиме за реалноста за да го разбереме големото влијание на овој документ што не ни дозволи да потонеме во бездната.“  - порача Груби

Само на придобивките потсети и Претседателот Пендаровски.

-Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците, напиша Пендаровски на социјалните мрежи.

Прославата која вечерва треба да се одржи на плоштадот Скендербег граѓаните ќе ги чини 100.000 евра. Парите ќе ги троши тетовската фирма Арберија која само во последните 2 години инаксирала над 2 милиони евра од државни тендери и тоа во институции кои ги раководат кадри на ДУИ. Иако организаторот направи обид, сепак, на бината веројатно нема да има македонски пејачи. Своите настапи за кои требаше да земат по повеќе од 7.000 евра ги откажаа и Антонија Гиговска и Владо Јаневски.