Македонија
25. January 2021 - 20:13

Штипските пожарникари добија покачување на личните доходи

По скопските и штипските пожарникари добија покачување на личните доходи, поточно, регулирано е бодувањето за одредување на платите на пожарникарите според Правилникот. Наместо 76, 93 %, сега платата ќе им се бодува со 81,6%.

„Кај нас варираат платите, зависно од месецот и од работата на секој пожарникар или на сите пожарникари. Затоа може да кажеме дека покачувањето е од 1200 до 2000 денари“, изјави Славчо Делов, независен синдикат на пожарникари Штип.

Корегиран е и делот за плаќање на работа на празници, викенди и прекувремена работа, за што општината беше тужена од страна на пожарникарите и во изминатите 3 години од страна на судот е задолжена да им исплати 20 милиони денари.

„Во тие 20 милиони денари, дел се платите за пожарникарите, а дел се судски трошоци и такси кои непотребно ги плаќавме. Затоа веднаш со Независниот синдикат направивме спогодба, да тие тужби бидат повлечени, а ние да ја исплатиме разликата“, изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип.

Заедно со покачувањето од 20 % предвидено со Закон, основната плата ќе им биде повисока за околу 5000 денари.

„Основната плата беше околу 15 000 денари, а сега со оваа корекција ќе биде 20000 и нешто“, додаде Делов.

Штипската територијална противпожарна единица е солидно технички и кадровски опремена, но потребно е континуирано да се инвестира и работи на подобрување на оперативната подготвеност.