Македонија
16. December 2019 - 8:40

Штип и бугарската општина Белица ги зближи европскиот проект „Културен мост низ вековите“

Штип и бугарската општина Белица во наредните две години ќе искористат над 400.000 евра за културен туризам, но и за рехабилитација на Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ и конзервација на црквата „Свети Власиј“ на тврдината Исар, која се наоѓа во централното подрачје на Штип.

Проектот и официјално почна со прес-конференција во Белица, која е водечки партнер во европскиот проект, а од македонска страна партнер е Центарот за развој на Источно планскиот регион, а бенефит ќе има Општина Штип и Заводот за заштита на споменици и музеј на град-Штип. Надворешниот консултант на проектот „Куктурен мост низ вековите “, Андреј Жерновски вели дека проектот предвидува низа активности, настани, но и инфраструктурен дел и тоа за двете страни.

–Станува збор за црква на Исарот во Штип, на која ќе се направи конзервација и реставрација. Дополнително ќе се изгради патека која ќе биде приспособена и за пристап на инвалиди, вели  Жерновски.

Директорот на ЗЗС и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов појаснува дека Црквата Свети Власиј е последната од четирите  цркви на Исарот, чии темели при археолошки истражувања ги откриле во 2008 година.

–Со ова ќе се заокружи сликата за црквите на Исарот, во чија непосредна близина е откриен и средовековниот тунел,  по кој според записите на Евлија Челебија, Турците го освоиле Штип, вели Штерјов.

Жерновски појаснува дека , проектот предвидува неколку обуки, туристички презентации на Штип и Белица, а сето сработено, на крај ќе биде промовирано  во двете општини преку 3Д презентација на отворено.

–Мислам дека тоа ќе биде од големо значење и ќе побуди голем интерес за промоција на културното и историско наследство на  Македонија и Бугарија, вели  Драгица Здравева, директор  на Центар за развој на Источно планскиот регион.

Маја Падарова секретар на Народното читалиште „Гоерги Тодоров 1885“- Белица, Р Бугарија, а воедно тим лидер на проектот рече дека рехабилитацијата на читалиштето во Белица, всушност е втора фаза од комплетното уредување на овој, за општината значаен објект. Народното читалиште по своите дејности е всушност спој меѓу македонските поранешни пионерски домови и работнички универзитети.

–Станува збор за завршни ремонтни активности на остатокот од зградата, зашто првата рехабилитација се однесуваше само на административниот дел. Предвидено е парно на пелети, нова електрична, канализациска и водоводна инсталација, вели Падарова.

За неа и повозрасните жени кои стојат на портите од своите куќи се дел од турзимот, кои на туристите им раскажуваат за историјата, местата и што можат да видат во нивната општина.

За граѓаните на Белица , со целосната реконструкцијата на читалиштето, ќе се заокружи еден украс на градот, со кои тие и сега се гордеат.  Проектот „Културен мост низ вековите“ преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија  има вкупен буџет од 406.222 евра. Од нив 221.034 евра наменети за општина Белица, а 185.187 за Центарот зa развој на ИПР.

Бугарска Белица еден од рекордерите во користење на европски пари

Градчето Белица има 3.400 жители, а во општината со селата живеат речиси 12.000 жители. Оваа мала општина која по бројот на жителите е помала од нашето туристичко Берово се наоѓа на неколку километри од светски познатиот ски центар Банско и Разлог, каде што е развиен бањскиот туризам. Мала по бројот на жители, но е еден од рекордерите во користење европски пари. Нашата домаќинка, Маја Падарова, која е скретар на Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ вели дека и нивниот пат до европските фондови не бил лесен. Но, на гостите од Брегалничкиот регион им влева надеж, дека и тие ги имале истите главоболки,  додека работеле на апликациите и на проектите се учеле во од. За само две години, лани и годинава, ова читалиште има сработено проекти, кои се вредни речиси еден милион евра.

-Низ годините добивме многу пари од европски проекти. Само преку Програмата за прекугранична соработка со Македонија направиме техничка документација за реставрирањето на црквата Свети Ѓорѓи, се реконстрираше читалиштето, а ја завршивме и физибилити студијата за развој на ски туризмот во Семково, вели Падарова.

Студијата за Семково е направена во рамки на ист проект со онаа за Царев Врв на Осоговските Планини  и развој на Пониква. Единасетте градоначалници од Источно планскиот регион минатиот месец ја покренаа иницијативата за изградба на овој ски центар, кој може да биде рамен на бугарско Банско. Но, додека тие бараат помош и чекаат пари од државата, градоначалникот на бугарската општина Белица веќе ги договара деталите со бугарската Влада. Падарова појаснува дека тие бараат  земјиштето на Семково од државно да стане општинско, по што ќе се бара инвеститор за проширување на понудите на овој ски центар.

-Така ќе може да се започне со еден проект со изградба на дрвени колиби за сместување и нови патеки за да се направи атрактивно место Семково, слично на австрискиот Зефелд за да биде привлечен за сите туристи, додава Падарева.

Белица е позната и  како град на танцувачките  мечки. Во паркот во природна средина живеаат 28 пензионирани циркуски мечки од Косово, Грција, Украина  и Бугарија. Овој рај за танцувачките мечки, кои во минатато можеле да се видат како танцуваат по улиците на дајре е располан на 120.000 метри квадратни и  е единствен во Европа, токму тој им привлекува туристи не само од сопствената држава, туку и од земјите од Балканот, Европа, па и од Јапонија. Падарова потенцира дека паркот е отворен во 2000 година, а угнетените мечки на едно место ги собра познатат француска дива Брижит Бардо. Оваа година ги посетиле 25.000 туристи.

–Во моментов има 28 мечки од Косово, Грција, Украина и секако Бугарија.Тоа е една голема туристичка придобивка . Посетите почнуваат од пролет, некаде од април и траат до 1 декември, вели Падарова.

Пензионираните танцувачки мечки во овој период се во своите дувла. Не можевме да го видиме рајот на мечките, бидејќи како што нашите домаќини велат не смеат да се вознимируваат додека се во длабок зимски сон.

Европски стандарди, но идентични проблемите со иселувањето на младите

Белица  во овој период од годината наликува на некоја новогодишна разгледница. Покривите на куќите се покриени со снежна покривка, посебна убавина дава боровата шума, која е над самото градче. Во прв момент асоцира на македонско Пехчево, кое исто така се наоѓа во шума, а куќите наликуваат дека се сместени во голем парк.

Во срцето на Белица се општинската зграда и Народното читалиште, како и големиот плоштад и шеталиште. На улица сретнавме неколку повозрасни жители, велат дека основни дејности им се дрвната, шивачката индустрија, но и туризмот и земјоделството. Раскажуваат дека повозрасните останале верни на својот роден крај, но младите поради финасиски причини се иселиле во Софија или во некоја од европските земји. Но, се надеваат дека ќе се вратат, со цел какошто велат да работат за развојот на општината и на државата.

Домаќините на македонската делегација, меѓу кои и екипата на МИА беа вработените во Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“. За нив посебна е глетката од црквата Свети Ѓорѓи, од каде што се гледаат три планини. Посебен акцент оваа општина става  на еко туризмот. 

Викторија Димитрова-Јованова/МИА