Македонија
31. January 2023 - 12:27

Штип бара финансии да му ги отпише долговите за камати

Повеќе од една година, општина Штип е задолжена и условена од страна на Министерството за финансии, да го врати долгот на ЈП „Исар“ во вредност од 4 милиони евра или 246 милиони денари, информира градоначалникот Иван Јорданов. Долгот е генериран во изминатите две децении на име камата, за кредит земен пред повеќе од 20 години за реконструкција на водоводната мрежа, во вредност од 47 милиони денари.

- И покрај енергетската и финансиската криза, покрај зголемените трошоци за електрична енергија, материјали, плати, енергенси, во изминатата 2022-ра година, успеавме да вратиме повеќе од 60 милиони денари или повеќе од 1 милион евра, пари од граѓаните кон Министерството за финансии-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Доколку Владата и Министерството за финансии имаат обврска и вистински интерес градот Штип да се развива, Јорданов побара, да се ослободи општината од плаќање на камати, пракса која досега се применувала и во другите општини.

- За да можеме истите овие средства, кои што сега ги враќаме по основ на каматна стапка за застарен долг да ги инвестираме и релоцираме во директни капитални инвестиции- додаде Јорданов

Општината и за тековната година има предвидено средства од буџетот за сервисирање на долгот од околу 1 милион евра, пари кои би можеле да се искористат за изградба на нова градинка и современа локална комунална и патна инфраструктура.