Свет
29. јуни 2016 - 14:05

Шкотски и северноирски европратеници бараат ЕУ да не ги заборави и отфрли

Еден шкотски и еден северноирски европратеник побарале од земјите членки на ЕУ да не заборавт на Шкотска и на Северна Ирска и да не ги „отфрлат“ без разлика што Велика Британија се определи за Брегзит.

Европратеникот Алајн Смит од Шкотската национална партија (СНП) им порачал на европратениците дека Шкотска не ги напушта, како што не ја напушта ниту Европската Унија.

- Ве молам, сакам да запаметите дека ние (Шкотланѓаните) не ве напуштаме, затоа ве молам и ве преколнувам да не ја оставата Шкотска разочарана и непуштена, ја пренесуваат лондонските медиуми изјавата на Смит во дебатата околу британскиот референдум и изгласувањето на Брегзит.

Европратеничката на Шин Феин, Мартина Андерсон, пак, изјави дека „луѓето во Северна Ирска не се оградуваат од ЕУ“, само затоа што така гласаше мнозинството од гласачите во Велика Британија.

- Последната работа што нам, на Северноирците, ни е потребна, тоа е да ставиме граница меѓу нас и сите вие 27 земји членки, рече европратеничката Андерсон.

На референдумот од пред шест дена, 62 отсто од Шкотланѓаните и 56 отсто од Северноирците се определија за останување на Обединетото Кралство во членство во Унијата.

Во Шкотска членството во ЕУ се означува како стратешка цел и прашање од витален национален интерес.

Таквата позиција на СНП предизвика лидерот на партијата и прв министер на Шкотска, Никола Старџен денеска да престојува во Брисел, само неполна недела по референдумското изјаснување.

Според медиумите во Единбург, таа во разговорите со Мартин Шулц, претседател на Европскиот Парламент и со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, разговара околу „правната основа“ за останување на Шкотска во ЕУ и покрај заминувањето на Велика Британија.

Во Северна Ирска, пак, каде католиците републиканци се определија против Брегзит, додека најголемата унионистичка протестантска партија ДУП за напуштање на Унијата, останувањето на Велика Британија во ЕУ се означува како темелник врз кои стои мировната спогодба од Велики Петок од април 1998 година, додека напуштањето на Унијата значи „откажување“ од договорот.

Победата на европската опција во Северна Ирска покажува дека и голем број протестанти гласале против Брегзит, па Белфаст му порачува на Брисел дека нема да се дозволи враќање на границата меѓу двата дела на поделениот остров.