Македонија
17. January 2020 - 20:45

Семејството Ѓорѓеви 2 години живее без струја во мизерни услови

Повеќе од 2 години живеат без струја. Исклучена им е им поради заостанат долг од околу 220.000 денари. На овие минусни температури се топлат само со гранки кои ги собираат во дворот и околијата, но за жал и шпоретот на дрва чади од сите страни и е во лоша состојба. Вода имаат само во дворот. Немаат купатило, личната хигиена ја одржуваат капејќи се дома во метално корито, на сличен начин мијат и садови. Оваа импровизирана лимарија е тоа што тие го нарекуваат тоалет. Вака изгледа жалната животна судбина на трочленото семејство Ѓорѓеви од Прилеп.

„Премногу е тешко да се живее во вакви услови. Тешко е минус 20 да се носи вода од надвор во шишиња и личната хигиена се одржува тешко. Собираме гранки и со нив се грееме“, истакна Македонка Ѓорѓева, жител на Прилеп.

Мувлата е декор на сите ѕидови во куќата, скршените прозорци ги покриваат со кебиња за да не им студи. Живеат само со минималната пензија на Зорка Спиркоска и мала социјална помош, но тие средства не се доволни за да се подмират сите животни потреби, а требаат и средства за школување на синот на Македонка, која за жал не е работоспособна за тешка физичка работа.

„Едвај ги задоволуваме потребите за лекови и храна, а понекогаш и позајмуваме на разни начини. Барам да ми се прости долгот за струја за да можам понатаму да го продолжам животот. Ако се можи да се реновира нешто домот бидејќи постојано живеам во мувла и барам вработување за да можам да си ги плаќам редовно сметките и да купувам храна“, додаде Ѓорѓева.

Ѓорѓеви се надеваат дека институциите ќе ги слушнат нивните барања и ќе им овозможат достоинствен живот и нормален живот.