Македонија
31. January 2023 - 16:32

Секој трет ученик бил омаловажуван на училиште - Меѓаши предлага нова стратегија

Малтретирање, озборување и покажување на сила се уште царуваат во училиштата. Истражувањето за правата на децата во Град Скопје покажува дека 30 проценти или секој трет ученик барем еднаш се почувствувал понижен. Загрижувачки 25 проценти пријавиле вербално а нешто помалку социјално насилство. Најбезбедни децата се чувствуваат дома и тоа рекордни 90 проценти а најнебезбедни на интернет.

- Познавам многу ученици кои стануваат на сабајле и не сакаат да одат на училиште не поради тоа што не сакаат да го слушаат професорот туку се плашат дека може повторно да бидат понижени поради некоја лична карактеристика и тоа исто така се нарекува малтретирање, изјави Јана Николовска средношколка во СУГС „Орце Николов“.

Оваа состојба била мотивот за изготвување на 5 годишната стратегија за унапредување на правата на децата. Мапирање на состојбата со случаи на дискриминација, едукативни кампањи за нејзино препознавање но и активирање на локалната власт која треба да го слушне гласот на народот.

- Ќе воведеме задолжителни кампањи за намалување на врсничко насилство, обуки за прва помош и заштита и други елементарни непогоди, одржување на сообраќајот, вели Леона Змајсек, средношколка во СУГС „Орце Николов“.

Но возрасните ги плаши што игнорирањето и непреземањето на мерки ги брка да си одат од земјата.

- Ако не се направи нешто да биде попривлечно место за живеење каде нивниот активизам ќе дојде до израз ние оваа генерација на млади можеме да ја изгубиме и да станеме општество без иднина, изјави Драги Змијанац, претседател на Меѓаши.

Недискриминација, безбедност и активно учество во одлуките се приоритетните области во локалната стратегија. Нејзината имплементација треба да значи Скопје – град по мерка на младите.