Македонија
1. August 2021 - 16:37

Се уште неизвесна иднината на изборниот законик - ќе има или не измени?

ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати и отворени листи и праг од 1% или воопшто да нема праг. Мицкоски вели дека досега како опозиција во преговорите за измени на изборниот законик ги прифатиле сите предлози на власта кои се менувале од ден во ден. Единственото барање на опозицијата е изборите да бидат фер и демократски.

Какви измени и да претрпи изборниот законик Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи победничката коалиција. Без да открива детали опозицискиот лидер вели дека е можна коалиција со Алијанса и Алтернатива, но детали и кандидатите за градоначалници ќе објават кон средината на август. Денеска ВМРО-ДПМНЕ го потврди заедничкиот настан на претстојните избори со партијата Демократски сили на Ромите. 

И додека трае неизвесноста дали и кога Изборниот законик ќе претри измени, не запираат реакциите од помалите партии и граѓанските здруженија по најавата на премиерот Заев дека прагот од 2 % за поднесување независни кандидаски листи ќе биде намален на 1 или укинат.

Од Зелен хуман град посочуваат дека ова не е намалување бидејќи за независна советничка листа за Град Скопје ќе бидат потребни пет пати повеќе потписи отколку за пратеничка листа. Бараат да учествуваат во јавна дебата за измените на изборниот законик, прагот за собирање потписи за независни листи да се намали десеткратно и да се овозможи собирање потписи надвор од општинските канцеларии на ДИК.

Слични реакции вчера пристигнаа и од Демократски сојуз, а шефот на државата веќе најави дека нема да потпише закон кој предвидува праг од 2% спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.